Груевски со порака до инвеститорите да ја вклучат Македонија во бизнис плановите

17.06.2014 15:56

Пред репрезентативна публика од бизнисот, политиката и академската фела, Груевски ги образложи видувањата за актуелните економски моменти, владините реформи, подобрувањето на бизнис климата...

Премиерот Никола Груевски се обрати на Глобалниот економски форум 2014 што се одржува во Ливерпул, Велика Британија.

Пред репрезентативна публика од бизнисот, политиката и академската фела, Груевски  ги образложи видувањата за актуелните економски моменти, владините реформи, подобрувањето на бизнис климата, привлекувањето нови странски инвестиции и отворање нови работни места.

Груевски  испрати порака до инвеститорите да ја посетат Македонија и да ја внесат земјата во анализите и размислувањата за ширење на нивниот бизнис, и да се уверат дека Македонија нуди големи можности, но и да разговараат со компаниите кои се веќе присутни во Македонија и да го слушнат нивното искуство како најдобар гарант за овозможените добри услови, соопшти службата за информирање на Владата на РМ.

Груевски ги презентираше  најниските трошоци за водење бизнис кои Македонија ги нуди за инвеститорите, пристапот до повеќе милионските пазари обезбедени со договорите за слободна трговија и поволностите кои се нудат во технолошко-индустриските развојни зони.

Во рамките на престојот се очекува премиерот Груевски да посети и повеќе медицински центри во Велика Британија при што ќе се разгледаат можностите за остварување на соработка и размена на медицински персонал и негова обука.