Превирања за Законот за рестриктивни мерки
Јакимовски заврши на американската „црна листа“, па поднесе кривична пријава против непознат сторител. Власта и опозицијата во клинч за Законот за рестриктивни мерки ...

Откако се најде на „црната листа“ на САД, градоначалникот на Карпош,Стечо Јакимовски, поднесе до Обвинителството, кривична пријава за непознат сторител. Вели – не можел да прифати тој и неговите деца да бидат на иста листа со Осама Бил Ладен и претставници на ИСИС. Бара да се спроведе истрага бидејќи, според него, станува збор за мешање во изборите.
На „црната листа“, освен Јакимовски и Јанева се и Мерко, Анѓушев, Камчев, Мијалков, Груевски и нивните семејства. Владата за да овозможи институциите да отворат предмети, достави Предлог-закон во законодавниот дом.
Предлог-законот за рестриктивни мерки заглавен во Комисијата за надворешни политики. Таа треба да даде зелено светло за негово донесување.
Вицепремиерот Маричиќ го повика претседателот на Комисијата, Милошоски да свика седница, а опозицијата да покаже политичка волја за борба со корупцијата и да гласа за законот. Милошоски возврати дека ако власта навистина има волја, има важечки закон преку кој би ги санкционирала овие лица.
Од правната фела со различни ставови за Законот за рестриктивни мерки. Адвокатот Еленко Миланов смета дека нема потреба од ваков закон, зашто има доволно процесни одредби во постоечките закони.
Вицепремиерката Грковска, е иницијатор на Законот за рестриктивни мерки. Со овие мерки нема да може лице за кое се води судска постапка да се кандидира на избори, а доколку е на функција ќе биде суспендирано.
Наташа Гркова Петрушевска
