Избори

Седум претседателски кандидатури се поднесени до ДИК

20.03.2024 20:47

И официјално, седум претседателски кандидатури се поднесени до Државната изборна комисија. Дијаспората ќе гласа само за шеф на државата. Нема доволно пријави за парламентарните. Собирањето потписи сè уште ја бранува јавноста, откако Пендаровски и СДСМ обелоденија дека Силјановска-Давкова, ја поднела кандидатурата само со потписи од пратеници, а не и со граѓански потписи ...

Потписите за кандидатурата на Силјановска-Давкова нов фронт за меѓупартиска пресметка. Изборниот штаб на Пендаровски тврди дека противкандидатката од ВМРО-ДПМНЕ, е единствениот претендент за највисоката државна функција кој документите ги поткрепил со потписи од 30 пратеници, но не и со потписи од граѓани, иако опонентите тврделе дека на контото на Силјановска – Давкова има 25 илјади граѓани кои стојат зад нејзината кандидатура. Исто размислува и владејачката партија.

ВМРО-ДПМНЕ не ги демантираше ваквите тврдења. Оттаму рекоа дека станува збор за технички процес.

Во меѓувреме, проверките течат. Потоа ДИК треба да ги потврди седумте поднесени кандидатури за шеф на државата. Извесно е дека во трката влегуваат Пендаровски, Силјановска-Давкова, Османи, Таравари, Ванковска, Димитриевски и Јакимовски.

МВР има рок од 24 часа да провери дали кандидатите за иден шеф на државата ги исполнуваат условите, односно да се македонски државјани, да имаат наполнето 40 години и да престојувале во државата 10 од последните 15 години.

Дијаспората ќе може да гласа само за претседателските избори, бидејќи за парламентарните нема доволно пријави.

 

 

Анита Димитријевска – Велковска