Нова рунда насилства на вооружените банди на Хаити
Последната ескалација доаѓа два дена по нападот на Централната банка и дивеењето по луксузните населби во Петион-вил. Во меѓувреме, првата група евакуирани Американци пристигна на Флорида...

Вооружените банди на Хаити почнаа нови напади во предградијата на Порт-о-Пренс. Силни истрели одекнаа во некогаш мирните населби во близина на градот.
„Сфатив дека не можам да заминам од соседството кое беше во рацете на бандитите. Имаше околу триесет мажи со оружје“, изјави Самуел Орелус, жител.
Последната ескалација доаѓа два дена по нападот на Централната банка и дивеењето по луксузните населби во Петион-вил. Во меѓувреме, првата група евакуирани Американци пристигна на Флорида.
„Ги пречекавме првите 14 патници од Хаити, 8-мина од нив се деца, а речиси уште 400 се заглавени во Хаити“, Кевин Гатри, директор на Одделот за управување со итни случаи на Флорида.
„Беа потребни неколку обиди, но не се откажаа, деновите се претвораа во недели, останаа со нас до крајот. Вложија напори да го направат ова успешно“, изјави Филип Арман, евакуиран Американец од Хаити.
Немирите почнаа на 29-ти февруари во отсуство на премиерот Ариел Анри, кој поднесе оставка на барање на бандите откако ќе се формира национален совет.
