Македонската уметница Тања Балаќ гостува во „Уметничката работилница Лазарети“ во Дубровник
Културниот центар „Уметничка работилница Лазарети“ во Дубровник ќе биде домаќин на македонската уметница Тања Балаќ. Во петок, на 22 март, во овој културен простор ќе бидат прикажани двата кратки филма – „Следна генерација“ и „Заглавени заедно“...

Културниот центар „Уметничка работилница Лазарети“ во Дубровник ќе биде домаќин на македонската уметница Тања Балаќ. Во петок, на 22 март, во овој културен простор ќе бидат прикажани двата кратки филма – „Следна генерација“ и „Заглавени заедно“.
„Уметничката работилница Лазарети“ од Дубровник Р Хрватска, како независна уметничка иницијатива ги започна своите активности во 1989 година, организирајќи изложби, перформанси, предавања и други уметнички настани во Лазарети и јавните простори на Дубровник
Видеоанимацијата „Следната генерација“ (2023) на Балаќ, која ќе биде прикажана во овој простор, се осврнува на проблемите и апсурдите на денешницата со кои секојдневно се соочуваат децата и младите – За филмот, самата авторка вели дека е видеоанимација чија главна порака е критика на реалноста и хаосот во кој живееме.
Тања Балаќ за овој филм го освои Гран прито на овогодишниот „Зимски салон“ на ДЛУМ на тема „Интимност и меѓусебна поврзаност“, чија селекторка беше Оксана Карповец, кураторка од Украина.
Експерименталниот филм „Заглавени заедно“ (2020 г.), пак, е една поинаква приказна што отвора многу општествени прашања, ставајќи акцент на миграциите, движењето, патувањето, значењето на семејството и домот прикажани низ социјална призма. Овој видеозапис пренесува сериозна порака на меѓународно ниво, опипувајќи ја свеста за човечките судбини од различни држави, кои барајќи подобар живот и сопствено засолниште, остануваат заглавени во времето и просторот.
„Основната идеја е да се обидеме да го разоткриеме тој дискурс на актуелните миграциски случувања, да ги согледаме во еден поширок контекст, реализиран преку конкретна уметничка пракса“, вели авторката.
Овој филм до сега беше прикажан на неколку меѓународни фестивали во официјална селекција и тоа Sydney Short Film Festival 2021 (Australia) – Finalist, Santorini Film Festival 2021 (Greece) – Finalist, Rome Independent Prisma Awards 2020 (Italy) – Official Selection, а на Anarchy Film Festival 2020 (Manchester, UK) – Award Winner, каде беше и награден.
