Нови напади на вооружените банди на Хаити
Нови жртви и повредени во продолжената рунда насилства на вооружените банди во Хаити. Силни истрели одекнаа во некогаш мирните населби во близина на Порт-о-Пренс. Луѓето сведочат за немилосрдни убиства. Во меѓувреме, првата група евакуирани Американци пристигна на Флорида. Сè поизвесно станува дека и покрај најавената оставка на премиерот, насилствата во земјата нема да престанат...

Вооружените банди на Хаити извршија нови напади во предградијата на Порт-о-Пренс. Силни истрели одекнаа во некогаш мирните населби во близина на градот.
„Сфатив дека не можам да заминам од соседството кое беше во рацете на бандитите. Имаше околу триесет мажи со оружје“, изјави Самуел Орелус, жител.
Луѓето под оган молеле за помош од полицијата. Сведочат за немилосрдните убиства.
„Пријателот беше со мене. Замина да остави некого, веројатно тогаш го застрелале, а потоа го ставиле во гума и го запалиле“, посведочи Макенси Жан, пријател на една од жртвите.
Последната ескалација на насилствата доаѓа два дена по нападот на Централната банка и дивеењето по луксузните населби. Во меѓувреме, првата група евакуирани Американци пристигна на Флорида.
„Ги пречекавме првите 14 патници од Хаити, осуммина од нив се деца, а речиси уште 400 се заглавени во Хаити“, изјави Кевин Гатри, директор на Одделот за управување со итни случаи на Флорида.
„Беа потребни неколку обиди, но не се откажаа, деновите се претвораа во недели, останаа со нас до крајот. Вложија напори да го направат ова успешно“, изјави Филип Арман, евакуиран Американец од Хаити.
Немирите почнаа на 29-ти февруари во отсуство на премиерот Анри, кој беше во Кенија во обид да го финализира распоредувањето на странски вооружени сили на Хаити за борба против бандите. По нередите, тој се сложи да поднесе оставка откако ќе се формира преодниот претседателски совет.
Бојана Крстевски
