Трговија

„ПејПал“ пристигна во Македонија

17.06.2014 16:18

Граѓаните добиваат пристап до многу продавници кои работат исклучиво со овој систем...

По бројни директни разговори и потпишани петиции, „ПејПал“ конечно пристигна во земјава. Македонија е меѓу десетте нови пазари кои влегуваат во светскиот сервис за онлајн плаќање – објави компанијата на својата интернет  – страница. Со ова, граѓаните добиваат пристап до многу продавници кои работат исклучиво со овој систем.

„Мислам дека купувањето преку ПејПал е сигурно“.

„Ќе купувам преку ПејПал, зошто да не“.

„Јас нема да го користам, но мојот син веќе го користи“.

„Јас сум од странство и веќе имам сметка на ПејПал“– велат граѓани за МТВ.

За да се користат услугите на „ПејПал“, потребно е да се отвори сопствена сметка на сервисот. На почетокот, услугата ќе биде лимитирана. Корисниците ќе можат да испраќаат пари, односно да купуваат од онлајн продавници во странство, верификувани од „Пејпал“, но сервисот нема да може да се користи за плаќање кај локални продавачи илиза меѓусебно префрлање пари.

„Со ова ни се дава можост, со еден клик, да трошиме пари и да бидеме сигурни во трансакциите. Системот гарантира за трансакцијата, можете да ја опспорите и да ви ги вратат средствата. Бројот на кредитна картичка ја внесуваме еднаш, со што се оневозможува некој да ги пресретне тие податоци“,  изјави Дарко Булдиоски, интернет консултант.

Со вклучувањето на десетте земји во системот на „ПејПал“, бројот на пазари коишто ги опслужува сервисот се искачи на 203. На „ПејПал“ во моментов има 128 милиони активни сметки и се реализираат  повеќе од 7,5 милиони плаќања дневно. Според компанијата, мобилните исплати во 2013-та достигнале вредност од 20 милијарди долари.

Од компанијата велат дека се направени сериозни анализи за потенцијалната побарувачка од новите пазари, кои ја покажале оправданоста од ваквиот чекор.

Мартин Пушевски