Израел

Можен е нов договор меѓу Израел и Хамас, тврди Блинкен

21.03.2024 14:49

Се намалува јазот меѓу Израел и Хамас, нов договор е можен, тврди американскиот државен секретар Ентони Блинкен за време на неговата турнеја по Блискиот Исток. Соопшти дека предложената резолуција на САД до Советот за безбедност на ООН испраќа силна порака. Утре, разговорите ги продолжува во Тел Авив. Нетанјаху согласен да ги слушне предлозите на Вашингтон кои тврдат дека копнената операција во пренаселениот јужен град не е неопходна.

САД предложија резолуција на Советот за безбедност на ООН за итен прекин на огнот, во замена за ослободување на заложниците, изјави американскиот државен секретар Ентони Блинкен за време на неговата турнеја по Блискиот Исток. Тој е оптимист дека наскоро ќе има нов договор меѓу Израел и Хамас.

„Се поблиску сме до договор, јазот се намалува и мислам дека е можен. Работевме напорно со Катар, Египет и со Израел за да ставиме силен предлог на маса. Го направивме тоа. Останува да видиме дали Хамас ќе се согласи. Тоа е најнепосреден начин да се ублажи мизеријата на луѓето во Газа“, изјави Ентони Блинкен, државен секретар на САД.

Блинкен разговорите утре ги продолжува во Тел Авив со израелските власти кои остануваат на ставот дека невозможна е победа на Израел ако војската не влезе во Рафах. Нетанјаху согласен да ги слушне предлозите на Вашингтон кои тврдат дека копнената операција во пренаселениот јужен град не е неопходна.

„Невозможно е да се победи без војската да влезе во РафахПретседателот Бајден побара да ни ги претстави предлозите, се согласуваме со нив. И додека се подготвуваме да влеземе во Рафах, за што ќе биде потребно извесно време, продолжуваме да оперираме со сите сили, елиминирајќи повеќе стотици терористи“, израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху.

Посетата на американскиот државен секретар доаѓа во време на голем број повици, планирани патувања на американски и израелски официјални лица и сериозни несогласувања околу состојбата на конфликтот, особено за израелските планови за копнена офанзива во Рафах.

 

Бојана Крстевски