ОБСЕ/ОДИХР ќе има 320 набљудувачи на двојните избори
Претседателските и парламентарните избори ОБСЕ/ОДИХР ќе ги набљудува со клучен тим од 12 меѓународни експерти во Скопје од 12 земји учеснички. Покрај главниот тим, ќе имаат и група од 20 лица-долгорочни набљудувачи кои ќе бидат распоредени во повеќе градови. Уште 300 краткорочни набљудувачи треба да пристигнат непосредно пред изборите...

ОДИХР ја почна набљудувачката мисија на претстојните претседателски и парламентарни избори. Тимот 12 експерти предложиле изборите да се набљудуваат со 20 долгорочни и 300 краткорочни набљудувачи. Долгорочните набљудувачи во тимови од по двајца ќе бидат распоредени во девет градови: Тетово, Охрид, Куманово, Битола, Прилеп, Струмица, Кочани и Штип и два тима во Скопје. Краткорочните набљудувачи кои се и најбројни ќе пристигнат во земјава неколку дена пред изборите. Зголемениот број на набљудувачи е поради одржувањето на двојни избори, истакна шефицата на набљудувачката мисија Џилијан Стирк.
„Имате два вида избори што се случуваат во ист ден, па не е невообичаено да имаме голем број набљудувачи и бараме голем број набљудувачи низ двата вида избори. Како што кажав, ова се заснова на препораките од мисијата за проценка на потребите“, изјави Џилијан Стирк, шеф на набљудувачката мисија на ОДИХР.
ОДИХР ќе прави проценка дали изборите се согласно заложбите на ОБСЕ и други меѓународни обврски, како и со националното законодавство набљудувачите ќе го оценуваат и неодамна усвоените измени на Изборниот законик непосредно пред изборните, иако претходно ОДИХР препорача тоа да се направи најмалку 6 месеци претходно.
Набљудувачите од ОДИХР за двојните избори ќе си заминат на 19-ти мај. Прелиминарниот извештај за изборните процеси ќе бидат соопштени на 9-ти мај. Финалниот извештај ќе биде објавен два месеца по изборите.
Ирина Гелевска
