Петровска се сретна со шведската амбасадорка Ларсон Јаин
Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска се сретна со амбасадорката на Кралството Шведска во Северна Македонија, Ами Ларсон Јаин ...

Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска се сретна со амбасадорката на Кралството Шведска во Северна Македонија, Ами Ларсон Јаин на која и го честиташе полноправното членство во НАТО, за кое рече ја зацврстува Алијансата и безбедноста на над една милијарда луѓе во светот.
„Северна Македонија беше јасна во својот став за поддршка на шведското барање за приклучување кон најмоќната Алијанса во светот. Тоа го потврдивме и на 27 јули минатата година кога Собранието ги ратификуваше протоколите за влез на Финска и Шведска во НАТО“, рече министерката.
Нашата цел е иста – заштита на секоја педа НАТО територија и заштита на нашите граѓани, рече министерката, и додаде дека она што нè врзува се вредностите на демократијата, слободата и почитувањето на меѓународниот правен поредок.
Амбасадорката Ларсон Јаин се заблагодари за јасната поддршка од Северна Македонија во периодот на приклучување на Шведска во НАТО и додаде дека земјата е посветена на јакнењето на колективната безбедност на Алијансата.
Шведска официјално се приклучи на НАТО како 32-земја членка на 7 март 2024 година.
