Белгија фаворит, Алжир закана од сенка!
Никој не смета дека Африканците се фаворити, но општ е впечатокот дека босанскиот стратег ја освежи селекцијата...

Од времето на Кулеманс, Шифо, Геретс, Ван дер Елст, Вандерберг, Веркутерен и Пфаф, не се зборуваше за Белгија како сега пред бразилскиот мундијал. Селекторот Марк Вилмотс има релативно млад, а веќе квалитетен тим. Во него се фудбалери на средина на 20-тите кои играат значајна улога во силни клубови. Со оглед дека Куртоа е голман, а стопери Компани и Фермален, главен приоблем можат да бидат бековските позиции за коишто Вилмотс нема вистинско решение, па во одбраната има седум стопери и само еден бек којшто нема да добие шанса доколку е се како што треба.
„Подготвени сме. Ја надминавме бариерата со разликата во временските зони, така што сите се остри за првиот дуел со Алжир. Веќе сме во бразилски ритам“, ги уверуваше новинарите белгискиот селекторот Марк Вилмотс, кој беше дел од националниот состав на четири светски првенства од 90-тата до 2002-ра. Освен Даниел ван Бујтен, ниту еден друг фудбалер нема искуство од настапи на светските шампионати, но Белгијците истакнуваат дека тоа нема да биде проблем.
Во сосема поинаква ситуација е Алжир предводен од Вахид Хлилхоџиќ. Никој не смета дека Африканците се фаворити, но општ е впечатокот дека босанскиот стратег ја освежи селекцијата. За разлика од последниот мундијал, Алжир сега е добро организиран, игра офанзивно, со многу движење на најистурените тројца. Средниот ред е технички поткован, па тимот допатува во Бразил како највисокопласирана африканска репрезентација на последната ранг листа на ФИФА. Булгера, Бенталеб, Фегули и Слимани се познати имиња, не се ѕвезди, но поседуваат искуство за да бидат столбови на алжирската репрезентација.
