Блинкен на разговори во Тел Авив
Блинкен разговорите за примирје и прекин на огнот во Газа ги продолжи во Тел Авив. Тој смета дека е можен нов договор …

Американскиот државен секретар Блинкен разговорите за примирје и прекин на огнот во Газа ги продолжи во Тел Авив, пред клучното гласање во Советот за безбедност за предложената резолуција од САД.
„Ревносно работевме во текот на изминатите неколку дена, па дури и изминативе неколку часа, за да ја придвижиме нашата резолуција. Направивме некои дополнителни измени кои беа побарани. Со нетрпение очекуваме да ја донесеме резолуцијата на гласање што е можно побрзо“, изјави Линда Томас-Гринфилд, амбасадор на САД во Обединетите нации.
Нов договор е можен-смета Блинкен. Камен на сопнување останува операцијата во Рафах. Нетанјаху спремен да ги чуе предлозите од Белата куќа. На оваа тема во Пентагон билатерална средба меѓу Остин и Галант.
„Секретарот Остин разговараше со министерот за одбрана Галант. Ја истакна потребата да се разгледаат алтернативи за операцијата во Рафах, повторувајќи ја заедничката цел да се победи Хамас, но и потребата да се заштитат цивилите, и итното зголемување на протокот на помош. Овој билатерален состанок е одвоен од состанокот што го најави Белата куќа“, изјави Сабрина Синг, заменик-секретар за печат на Пентагон.
Додека дипломатскиот притисок за Рафах се зголемува врз Израел, повиците во светот за итен прекин на огнот стануваат сè погласни. По пораката на европските лидери од Брисел, апели испратени и од Австралија и Велика Британија.
„Ќе работиме заедно да го стабилизираме Блискиот Исток, да добиеме помош во Газа и да постигнеме решение за конфликтот“, изјави Дејвид Камерон, министер за надворешни работи на Обединетото кралство.
„Стотици илјади Палестинци гладуваат. Ги повторувам коментарите на Дејвид за важноста на зголемената хуманитарна помош. Потребата Израел да дозволи таа да влезе и важноста борбата итно да престане“, изјави Пени Вонг, министер за надворешни работи на Австралија.
Израелската војска соопшти дека операцијата во болницата Ал Шифа продолжува. Тврдат дека од уапсените терористи извлекле важни разузнавачки информации. ОН ги засилија предупредувањата дека гладот е „неизбежен“ во северниот дел на Газа, додека Израел дозволи влез по копнениот коридор на конвој камиони за северот.
Бојана Крстевски
