Месецот на Франкофонијата

Отворање на третото продолжение од циклусот изложби „Париски рефлексии“

22.03.2024 10:20

Во галеријата Чифте амам денеска ќе биде отворено трето продолжение од циклусот изложби „Париски рефлексии“ што, во рамки на одбележување на Месецот на Франкофонијата, го организираат Францускиот институт во Скопје и Националната галерија...

Во галеријата Чифте амам денеска ќе биде отворено трето продолжение од циклусот изложби „Париски рефлексии“ што, во рамки на одбележување на Месецот на Франкофонијата, го организираат Францускиот институт во Скопје и Националната галерија.

Изложбата ќе претстави избор на дела од третата генерација македонски уметници кои реализирале студиски престој во Париз – како добитници на тогашната државна награда „Моша Пијаде“ или преку специјализации и дополнување на образованието или, пак, на извесен начин во дел од нивното творештво биле поврзани со француската престолнина како центар на светската уметност.

- Со тоа, секој со своето препознатливо творечко кредо, извршиле влијание врз развојот на македонската уметност, особено во доменот на пренесување и продлабочување на влијанијата на енформелот, надреализмот, новата фигурација, геометризмот и останатите тогаш актуелни светски тенденции, соопштија организаторите на изложбата.