ПРАВИЛА ЗА МЕДИУМСКО ПОКРИВАЊЕ НА ПРЕТСЕДАТЕЛСКИТЕ И НА ПАРЛАМЕНТАРНИТЕ ИЗБОРИ 2024- Трет програмски сервис- на МРА-Радио Скопје
I. ОПШТИ ОДРЕДБИ
Правилата претставуваат операционализација на обврските на Јавниот радиодифузен сервис – Трет Програмски Cервис-програма на албански јазик, за покривање изборни процеси пропишани во Изборниот законик.
Според изборната регулатива, Јавниот радиодифузен сервис е должен да обезбеди правично, избалансирано и непристрасно покривање на изборите во својата програма и да овозможува пристап до сите облици на изборно медиумско претставување – вести, информативни програми и бесплатно политичко претставување на сите учесници во изборната кампања. Исто така, во соработка со Државната изборна комисија (ДИК), ТПС-програма на албански јазик е должна да ги информира граѓаните за начинот и техниката на гласање и за други информации поврзани со изборниот процес.
Оттаму, овие Правила утврдуваат во кои видови програми ТПС-програма на албански јазик ќе ги покрива изборните процеси, а ги сублимира и обврските и стандардите за обезбедување право на одговор и исправка на објавена информација пропишани во Законот за медиуми.
Правилата ќе се применуваат од денот на распишување на изборите (подолу во текстот: изборите) до нивното завршување.
II. ПОКРИВАЊЕ НА ИЗБОРИТЕ ВО ВЕСТИ
Вестите од распишување избори до почнување на изборната кампања
ТПС-програма на албански јазик во периодот од распишување на изборите до почетокот на изборната кампања доследно ќе ги почитува стандардите и начелата за создавање на програмите утврдени во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, стандардите на новинарската професија од Етичкиот кодекс на новинарите и на “ЈП МРТ” и правилата за покривање на изборите со тоа што ќе обезбеди избалансираност во известувањето за активностите на политичките партии од власта и од опозицијата што се претставени во Собранието. ТПС-програма на албански јазик, ќе информира и за активностите на политичките субјекти што не се претставени во Собранието.
Вестите за време на изборната кампања и дистрибуција на времето
ТПС на МРА-програма на албански јазик, ќе ги покрива активностите од изборната кампања во дневниците, и тоа:
Во централниот дневник во 16 00 часот,
- Во утринските вести конкетно во 09 00 во ќе известува за активностите од изборната кампања со помал обем и при тоа ќе ги почитува правилата за правично, избалансирано и непристрасно покривање на изборите.
Според член 76-а став 2 од Изборниот законик, за време на изборна кампања Јавниот радиодифузен сервис е должен да обезбеди рамноправен пристап во информативната програма, во централниот дневник 16: 00 во време траење од 30 минути, 9 ( 30%) минути ќе се посветат за информациите на дневните настани од земјата регионот и светот, 9 (30%) минути за активностите на политичките парти на власт, 9 (30%) минути за активностите на политичките партии во опозицијата и 3 (10 %) минути за активностите на политиќките партии кои не се претставени во Собранието.
Принципот на известување е на следниот начин:
-За избор на претседател на нашата држава, во согласност со принципот на еднаквост за сите кандидати за претседател и во првиот и во вториот круг на изборите;
-За избор на пратеници во Собранието, во согласност со принципот на пропорционалноста според бројот на потврдени листи со кандидати за пратеници.
Законската одредба не предвидува време за активностите на независните кандидати, односно за кандидатите од група избирачи, но имајќи ги предвид позицијата и обврските на Јавниот радиодифузен сервис во општеството, ТПС на МРА-програма на албански јазик за активностите на независните кандидати ќе информира во рамките на 10% посветени за информации од кампањата на политичките партии кои не се претставени во Собранието.
Информациите за активностите од кампањите на политичките партии на власт и на опозицијата секојдневно ќе ротираат, а тонот на известувањето ќе биде неутрален.
Известување за активностите на државната и локалната власт
Редовните активности на државните органи, органите на општините и на другите институции и организации со јавни овластувања во информативните изданија на ТПС на МРА-програма на албански јазик ќе бидат третирани во делот од вестите резервиран за случувањата од земјата и од светот.
Имајќи ја предвид обврската од член 76-а став 12 од Изборниот законик, која пропишува дека од денот на распишување на изборите до нивното завршување известувањето за редовните активности на државните органи, органите на општините и на Градот Скопје, на државните институции и организации, како и за активностите на правни и на други лица на кои со закон им е доверено вршење јавни овластувања не смее да биде во функција на изборно медиумско претставување на ниту еден политички субјект, ТПС на МРА-програма на албански јазик за нив ќе информира согласно со законските одредби со соодветни новинарски жанрови.
Интервјуа
Интервјуата главно ќе се емитуваат со претставници на институции и организации задолжени за релевантни аспекти од организацијата на фер и демократски избори. По потреба, во зависност од видот на изборниот процес, ТПС на МРА-програма на албански јазик, ќе емитува и интервјуа со потврдени кандидати на изборите или пак, со претставници на политичките партии.
IV. ДРУГИ ИНФОРМАТИВНИ И ЗАБАВНИ ПРОГРАМИ
Од распишувањето на изборите до нивното завршување, во своите преостанати информативни програми ТПС на МРА-програма на албански јазик, нема да известува за предизборните активности. Програмите на ТПС на МРА-програма на албански јазик, кои исполнуваат образовна и забавна медиумска функција нема да се користат за претставување учесници во изборниот процес, ниту пак, за интервјуа со носители на јавни функции.
V. ИНФОРМИРАЊЕ ЗА ИСПИТУВАЊА НА ЈАВНОТО МИСЛЕЊЕ
ТПС на МРА-програма на албански јазик, ќе известува за резултати од испитувања на јавното мислење само доколку е познат нарачателот на истражувањето и ако тоа е реализирано на репрезентативен примерок.
При објавување на резултатите од испитувања на јавното мислење ќе ги почитува следниве принципи:
- Задолжително ќе ги објави следниве податоци: името на нарачателот кој го побарал и го платил испитувањето, името на институцијата што го извршила испитувањето, применетата методологија, големината и структурата на испитаниот примерок и периодот во кој е спроведено испитувањето;
- Ќе информира и за очекуваната маргина на грешка, особено кога разликата меѓу претендентите е во рамките на маргината;
- Резултати од испитувања на јавното мислење поврзани со учесниците во изборниот процес ќе објавува најдоцна пет (5) дена пред денот определен за одржување на изборите за првиот и за вториот круг на гласање;
- Резултати од испитувања на јавното мислење спроведени на самиот ден на изборите нема да објавува пред 19.00 часот, односно пред затворањето на избирачките места.
VI. ИЗБОРЕН МОЛК
За време на изборниот молк, ТПС на МРА-програма на албански јазик, ќе продолжи да известува за изборниот процес и за текот на гласањето. Нема да емитува содржини кои би можеле да се сметаат за прекршување на изборниот молк. Оттаму, нема да објавува:
- Какви било информации, фотографии, аудио и аудиовизуелни материјали поврзани со или во кои учествуваат учесници во изборите;
- Какви било облици на медиумско известување кои се отворено или прикриено во функција на нечија изборна кампања и можат да влијаат врз одлуката на избирачите;
- Податоци со кои се открива идентитетот на политичките субјекти и/или на поединци вклучени во инциденти или други неправилности на денот на гласањето;
- Изјави од кандидати во изборниот процес, од учесници во изборна кампања, од претставници на политички партии и од носители на функции во органите на власта.
VIII. ПРАВО НА ИСПРАВКА И ОДГОВОР
Кој може да бара објавување на исправка/одговор
Кој било учесник во изборниот процес (кандидат, политичка партија, коалиција итн.), како и секое физичко или правно лице има право од ТПС на МРА-програма на албански јазик, односно од одговорен уредник во ТПС-програма на албански јазик, без надоместок, да бара да објави:
- Исправка на објавена информација во која се наведуваат неточни факти објавени во информацијата, а со кои биле повредени неговите права или интереси, или;
- Одговор на објавена информација, доколку има поврзаност со фактите објавени во информацијата или има легитимен интерес.
Барањето за објавување исправка, односно одговор се поднесува во писмена форма:
- Образложено и потпишано од подносителот, со сите потребни податоци за него;
- Со јасно посочување на информацијата (или податокот) на која се однесува и датумот на нејзиното емитување.
Рок за објавување и други услови
За време на изборниот процес исправката, односно одговорот, ќе бидат објавени во првото следно издание на програмата во која била објавена информацијата на која се однесуваат. Доколку барањето за исправка, односно одговор не е поврзано со изборниот процес, тогаш ќе се применуваат одредбите за нивно објавување утврдени во Законот за медиуми („Службен весник на Република Македонија“ бр. 184/2013 и 13/2014).