ПРАВИЛА ЗА МЕДИУМСКО ПОКРИВАЊЕ НА ПРЕТСЕДАТЕЛСКИТЕ И НА ПАРЛАМЕНТАРНИТЕ ИЗБОРИ 2024 – МРТ4

22.03.2024 11:56

I. ОПШТИ ОДРЕДБИ

Правилата претставуваат операционализација на обврските на Јавниот радиодифузен сервис – МРТ4 за покривање изборни процеси пропишани во Изборниот законик.

Овие Правила утврдуваат во кои видови програми МРТ4 ќе ги покрива изборните процеси, а ги сублимира и обврските и стандардите за обезбедување право на одговор и исправка на објавена информација пропишани во Законот за медиуми.

Правилата ќе се применуваат од денот на распишување на изборите (подолу во текстот: изборите) до нивното завршување.

II. ПОКРИВАЊЕ НА ИЗБОРИТЕ ВО ВЕСТИ

Вестите од распишување избори до почнување на изборната кампања

МРТ4 во периодот од распишување на изборите до почетокот на изборната кампања доследно ќе ги почитува стандардите и начелата за создавање на програмите утврдени во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, стандардите на новинарската професија од Етичкиот кодекс на новинарите  и на МРТ и правилата за покривање на изборите со тоа што ќе обезбеди избалансираност во известувањето за активностите на политичките партии од власта и од опозицијата што се претставени во Собранието. МРТ4 ќе информира и за активностите на политичките субјекти што не се претставени во Собранието.

Вестите за време на изборната кампања и дистрибуција на времето

МРТ4 ќе ги покрива активностите од изборната кампања во дневникот 19:30 часот.

Според член 76-а став 2 од Изборниот законик, за време на изборна кампања Јавниот радиодифузен сервис е должен да обезбеди рамноправен пристап во информативната програма, така што 30% од времето ќе посвети на информации за дневните настани од земјата и од светот, 30% од времето за активностите на политичките партии на власт, 30% од времето за активностите на политичките партии во опозиција и 10% од времето за активностите на политичките партии кои не се претставени во Собранието.

Принципот на известување е на следниот начин:

-За избор на претседател на Републиката, во согласност со принципот на еднаквост за сите кандидати за претседател и во првиот и во вториот круг на изборите;

-За избор на пратеници во Собранието, во согласност со принципот на пропорционалноста според бројот на потврдени листи со кандидати за пратеници.

Информациите за активностите од кампањите на политичките партии на власт и на опозицијата секојдневно ќе ротираат, а тонот на известувањето ќе биде неутрален.

Известување за активностите на државната и локалната власт

Редовните активности на државните органи, органите на општините и на другите институции и организации со јавни овластувања во информативните изданија на МРТ4 ќе бидат третирани во делот од вестите резервиран за случувањата од земјата и од светот.

Имајќи ја предвид обврската од член 76-а став 12 од Изборниот законик, која пропишува дека од денот на распишување на изборите до нивното завршување известувањето за редовните активности на државните органи, органите на општините и на Градот Скопје, на државните институции и организации, како и за активностите на правни и на други лица на кои со закон им е доверено вршење јавни овластувања не смее да биде во функција на изборно медиумско претставување на ниту еден политички субјект, МРТ4 за нив ќе информира согласно со законските одредби со соодветни новинарски жанрови.

III. ИЗБОРИТЕ ВО ПОСЕБНИTE ИНФОРМАТИВНИ ПРОГРАМИ

Имајќи ja предвид неопходноста граѓаните да бидат информирани за програмите и за ставовите на сите релевантни политички субјекти, како и за разликите во нивните ставови и политики, особено во периоди на изборни процеси, МРТ4 за време на изборите ќе се фокусира на емитување дебатни програми, како вид на посебна информативна програма со која граѓаните најлесно добиваат впечаток за кандидатите и нивните ставови.

Од денот на распишување на изборите до изборниот молк МРТ4 ќе организира дебатни емисии, односно соочувања на најголемите политички партии од власта и од опозицијата, како и на другите учесници во изборниот процес.

МРТ4 ги информира партиите дека кога нивните претставници ќе учествуваат во дебати кои се снимаат пред да бидат емитувани и кои не се во живо од студио нема да имаат право да побараат коригирање или бришење на тоа што го изјавиле, освен ако искажаното е спротивно на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, стандардите на новинарската професија од Етичкиот кодекс на новинарите и на МРТ и на правилата за покривање на изборите.

Водителот на дебатата мора да се однесува според етички и професионални принципи на непристрасност и неутралност кон сите учесници во дебатата. МРТ4 ќе организира дебати, без оглед дали некоја партија ќе го откаже учеството. Во таков случај, ќе биде оставено празно столче за отсутните, публиката ќе биде информирана за причините на отсуството, а преостанатите учесници ќе продолжат да дебатираат.

VI. ИЗБОРЕН МОЛК

За време на изборниот молк, МРТ4 ќе продолжи да известува за изборниот процес и за текот на гласањето. Нема да емитува содржини кои би можеле да се сметаат за прекршување на изборниот молк. Оттаму, нема да објавува:

- Какви било информации, фотографии, аудио и аудиовизуелни материјали поврзани со или во кои учествуваат учесници во изборите;

-  Какви било облици на медиумско известување кои се отворено или прикриено во функција на нечија изборна кампања и можат да влијаат врз одлуката на избирачите;

- Податоци со кои се открива идентитетот на политичките субјекти и/или на поединци вклучени во инциденти или други неправилности на денот на гласањето;

- Изјави од кандидати во изборниот процес, од учесници во изборна кампања, од претставници на политички партии и од носители на функции во органите на власта.

VIII. ПРАВО НА ИСПРАВКА И ОДГОВОР

Кој може да бара објавување на исправка/одговор

Кој било учесник во изборниот процес (кандидат, политичка партија, коалиција итн.), како и секое физичко или правно лице има право од МРТ4, односно од одговорен уредник во МРТ4, без надоместок, да бара да објави:

- Исправка на објавена информација во која се наведуваат неточни факти објавени во информацијата, а со кои биле повредени неговите права или интереси, или;

- Одговор на објавена информација, доколку има поврзаност со фактите објавени во информацијата или има легитимен интерес.

                Барањето за објавување исправка, односно одговор се поднесува во писмена форма:

-  Образложено и потпишано од подносителот, со сите потребни податоци за него;

-  Со јасно посочување на информацијата (или податокот) на која се однесува и датумот на нејзиното емитување.

Рок за објавување и други услови

                За време на изборниот процес исправката, односно одговорот, ќе бидат објавени во првото следно издание на програмата во која била објавена информацијата на која се однесуваат. Доколку барањето за исправка, односно одговор не е поврзано со изборниот процес, тогаш ќе се применуваат одредбите за нивно објавување утврдени во Законот за медиуми („Службен весник на Република Македонија“ бр. 184/2013 и 13/2014).