„Ниедно чувство не е конечно, колекција на солидарноста“ - изложба на МСУ во Прага
„Ниедно чувство не е конечно – колекција на солидарноста“. Вака е насловена изложбата на дела од колекцијата на Музејот на современа уметност – Скопје, којашто е отворена во Прага, во чешката Национална галерија. Идејата е да се покаже дека хоризонтот на значења на колекцијата никогаш не е затворен...

„Ниедно чувство не е конечно“ – изложбата со дела од уникатната колекција на Музејот на современата уметност – Скопје претставена пред десетици посетители во Националната галерија во Прага. Колекцијата на солидарноста може одново да се реинтерпретира и да креира нови синергии. Од Скопје за Прага отпатуваа дела од Пабло Пикасо, Дејвид Хокни, Петар Лубарда, Никола Мартиноски, Виктор Вазарели, Џаспер Џонс, Алекс Кац и многу други.
„Од вкупната уметничката колекција на Музејот на современа уметност која брои повеќе од 5.300 дела, во Виена беа изложени 94 дела и 50 дела од современи уметници, вклучени во овој проект. На истиот концепт е заснована и оваа изложба во чешката Национална галерија и додадени сè уште 54 дела од колекцијата на нашиот музеј. Донациите од светски познатите уметници пристигнуваат сè уште во музејот на современа уметност и секое изложување на делата вклучува и нов сет интерпретации, значења, и креира нови релации и синергии со делата на современи уметници. Ниедно чувство не е конечно подразбира дека хоризонтот на значења на колекцијата никогаш не е затворен, и секоја нова изложба која е заснована на колекцијата не потсетува на солидарноста, како нужен етички принцип на делување денес“, изјави Тихомир Топузовски в.д. директор на МСУ – Скопје.
Пред многубројните посетители, на отворањето на изложбата ненадејно влегле околу 200 мирољубиви демонстранти кои фрлале летоци додека траело официјалното отворање извикувале стоп на крвопролевањето во Газа и повикувале за покренување на свеста на луѓето за емпатија, соживот и солидарност.
Александра Спировска
