Заклучоци од Европскиот самит
Проширувањето е стратешки интерес на Европската унија. Предизвици има, но процесот продолжува – Брисел испрати порака, и земјите членки и кандидатките мораат да бидат подобро подготвени. Во Босна и Херцеговина задоволство по одобрениот старт на преговорите, иако сите се свесни дека ќе траат со години. Денеска, во фокусот на Европскиот самит, поддршката за Украина...

Проширувањето на ЕУ и внатрешните реформи во кандидатските земји треба да бидат паралелни процеси, порака од европските лидери. На следниот состанок летово ќе се усвојат заклучоците за патоказите за идната работа. Проширувањето останува стратешки интерес на блокот, велат од ЕУ откако одобрија Босна и Херцеговина да ги почне пристапните преговори со Унијата. Оваа одлука е клучен чекор на БиХ на патот кон ЕУ, вашето место е во европското семејство, порака од претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен со предлог да се промени начинот на кој Европската унија ги прима новите членки. Наместо сегашниот се или ништо, Брисел сака постепено да го ублажи патот на земјите од Западен Балкан, Украина и Молдавија. Ако се усвои иницијативата, на кандидатските земји би им се овозможило да искористат неколку придобивки додека ги спроведуваат реформите.
Лидерите го поздравија напредокот на Украина и Молдавија во спроведувањето на реформите и повикаа да се забрза преговарачката рамка. За руско украинскиот конфликт Брисел со јасна порака дека Москва не смее да успее, а нејзините лидери мора да понесат одговорност за агресијата кон Украина. Европската комисија продолжува со политичка, финансиска, економска, хуманитарна, воена и дипломатска помош за Киев колку што е потребно. На Европскиот самит беше побарана итна хуманитарна пауза за прекин на огнот на Блискиот Исток, ослободување на сите заложници и обезбедување на хуманитарна помош.
Викторија Милевска
