СДСМ нема информации- претениците повлекуваат оставки

17.06.2014 17:25

Двете пратенички засега манифестираат единствено несогласување со политиката на бојкот, но, во текот на денот стигнуваа различни позиции за конечната одлука за враќањето во Собранието...

Раководството на СДСМ не е известено дали пратеничките Љубица Буралиева и Солза Грчева ќе ги прифатат пратеничките мандати. Ова е реакцијата од опозициската партија по информациите дека двете пратенички ќе ги повлечат поднесените оставки и ќе се вратат во собраниските клупи.

„До овој момент сеуште немаме информација дека некој од пратениците кои што ги поднеле оставките - ги повлекле“, изјави генералниот секретар на СДСМ, Оливер Спасовски.

Двете пратенички засега манифестираат единствено несогласување со политиката на бојкот, но, во текот на денот стигнуваа различни позиции за конечната одлука за враќањето во Собранието.

Одлуката на највисоките органи на СДСМ за бојкот и неприфаќање на изборните резултати безрезерво, без трошка дилема ја поддржувам, но, вонинституционалниот облик, формата на бојкот за мене е неприфатлив“ напиша Буралиева на својот Фејсбук профил.

И Грчева се огласи преку социјалната мрежа.

Кога веќе учествуваме во другите институциите на системот, како локални управи, совети, комисии, сметам дека бојкот само на Парламентот е недоволен. Конечно, не се согласувам моето пратеничко место да се подари на други сателитски партии за што постојат најави. Јас мислам да бидам многу гласна и жестока во борбата со овој режим, и од Парламент, но и секаде каде таа борба ќе се води“, објави Грчева.

МТВ телефонски ги побара пратеничките за да кажат дали нивните ставови се конечни, но, не добивме одговор. Претходно, пратеничката Роза Топузова - Каревска од ЛДП одлучи да се врати во Собранието. Ако избраните пратеници од опозицијата се откажат од мандатите, тие ќе им бидат понудени на следните на листата, а засега е неизвесно дали и тие ќе ја следат линијата на нивната коалиција.

Самка Ибраимовски од Партијата за целосна еманципација на Ромите, не ја отфрла можноста да седне во собраниската клупа. За МТВ потврдува дека на ова прашање ќе размислува доколку ДИК му понуди пратеничко место.

 

Анита Димитријевска