Лекарска комора

Лекарска комора бара расветлување на убиството на докторот и поголема заштита

22.03.2024 14:21

67 годишен лекар од Скопје избоден до смрт. Комората бара расветлување на убиството и поголема заштита. Здружението на матични в понеделник четири часа нема да работи со пациенти во знак на револт...

Прекрасна личност, не само како лекар туку и како човек, вели Душко Георгиевски, пациент на убиениот лекар. Тој пред камерата на Македонската телевизија раскажа дека лекарот му бил близок и со него често разговарал. Последната средба им била пред неколку дена.

Згрозени сме и се чувствуваме тажно поради загубата на нашиот член“, велат од Здружението на приватни лекари. Оттаму велат дека по убиството стравуваат за својата безбедност и бараат поголема заштита преку носење закон за лекарска дејност. Во знак на револт, в понеделник од 12 до 16 часот приватните лекари нема да работат со пациенти.

Лекарската комора го осуди убиството и побара истражните органи веднаш да го расветлат убиството.

„Никаков вид насилство во општеството не смее да се толерира, бидејќи насилството не е соодветен начин на кој се решаваат проблемите. Истакнуваме јавно барање надлежните институции итно да постапат за овој случај и да ги преземат сите неопходни мерки за да ги утврдат околностите во кои се случил настанот и соодветно на тоа да го пронајдат сторителот и да го санкционираат“, се вели во соопштението од Лекарската комора.

Од Лекарската комора изразија сочувство до семејството. Посочија дека загубата на лекар е и загуба за целиот здравствен систем.

 

Наташа Гркова Петрушевска