убиство

67-годишен матичен лекар избоден до смрт во Скопје

22.03.2024 14:31

67-годишен матичен лекар избоден до смрт во Скопје. Грозоморниот настан се случил доцна синоќа на паркинг пред поликлиниката „Железара“. Телото избодено до смрт го пронашол неговиот син, кој тргнал да го бара татка си, откако тој не вратил дома по завршување на смената. Лекарите најавија протест...

67-годишниот матичен лекар Ацо Трповски кој со години работел во ординацијата во скопската поликлиника „Железара“ е пронајден мртов во неговиот автомобил паркиран пред установата. Трагите од крв на дневна светлина немо сведочеа за грозоморниот настан фатален за лекарот. Телото избодено до смрт го пронашол неговиот син, кој тргнал да го бара татка си, откако тој не вратил дома по завршување на смената.

Кога пристигнале лекарите од итната медицинска помош било доцна. Констатирале смрт, а по налог на обвинител телото го предале за обдукција.

Истрагата е во тек, се бара сторителот за да се утврди и мотивот.

Јавен обвинител изврши увид на самото место. Подигнати се траги за вештачење, а ќе се анализираат и снимките од безбедносните камери.

Одговори на прашања ќе се бараат и меѓу медицинските досиеја, пациентите и колегите на лекарот, но и од неговите приватни контакти и релации – со цел да се утврди кој и зошто одлучил да го лиши од живот докторот за кој фелата посочува дека е врвен професионалец кој искрено се грижел за здравјето на луѓето.

 

Анита Димитријевска Велковска