Резолуција за прекин на огнот во Газа
Расте притисокот за ставање крај на војната во Газа. Во Советот за безбедност, американска резолуција за итен прекин на огнот. Лидерите на ЕУ повикаа на хуманитарна пауза и ослободување на заложниците...

Прекинот на огнот во Газа во фокусот на разговорите во Тел Авив. Американскиот државен секретар Блинкен во обид да го предомисли Нетанјаху за плановите во Рафах, но и за потребата од поголема хуманитарна помош.
Нетанјаху согласен да ги чуе предлозите од Белата куќа за Рафах. На оваа тема, во Пентагон договорена средба меѓу Остин и Галант.
„Секретарот Остин разговараше со министерот за одбрана Галант. Ја истакна потребата да се разгледаат алтернативи за операцијата во Рафах. Овој билатерален состанок е одвоен од состанокот што го најави Белата куќа“, изјави Сабрина Синг, заменик-секретар за печат на Пентагон.
Пред клучното гласање во Советот за безбедност за предложената Резолуција од САД за Газа, повиците за прекин на огнот се погласни.
„Конечно сите 27 земји членки имаме обединет и јасен став за ситуацијата во Газа, прекин на огнот веднаш!“, порача Александер де Кро, премиер на Белгија.
По Брисел, апели и од Австралија и Велика Британија.
„Ќе работиме заедно да го стабилизираме Блискиот Исток, да добиеме помош во Газа и да постигнеме решение за конфликтот“, изјави Дејвид Камерон, министер за надворешни работи на Обединетото Кралство.
„Стотици илјади Палестинци гладуваат. Ги повторувам коментарите на Дејвид за важноста на зголемената хуманитарна помош. Потребата Израел да дозволи таа да влезе и важноста, борбата итно да престане“, изјави Пени Вонг, министер за надворешни работи на Австралија.
Израелската војска соопшти дека операцијата во болницата „Ал-шифа“ продолжува. Тврдат дека од уапсените терористи извлекле важни разузнавачки информации. ОН ги засилија предупредувањата дека гладот е „неизбежен“ во северниот дел на Газа, додека Израел дозволи влез по копнениот коридор на конвој камиони за северот.
Бојана Крстевски
