Македонија

Лицата со хендикеп бараат поголема пристапност на гласачките места

22.03.2024 15:20

Лицата со оштетен слух честопати не можат да ги следат политичките кампањи, не знаат ниту што ветуваат кандидатите во изборната програма. Иако имаат право на глас како и сите други граѓани, во повеќето случаи не можат да го искористат...

„Без толкувач, за нас телевизијата е само слика на која гледате дека некој поставува прашање, но до вас ништо не допира“, Љубиша Савески

Лицата со оштетен слух честопати не можат да ги следат политичките кампањи, не знаат ниту што ветуваат кандидатите во изборната програма. Љубиша Савески вели партиите мора да најдат начин да ги информираат. Иако имаат право на глас како и сите други граѓани, во повеќето случаи не можат да го искористат. И ова е проблем кој не се решава со години, па многумина од лицата со попреченост не одат да гласаат поради неможноста да стигнат до избирачкото места.

„Гласачките места не се прилагодени, нема толкувачи ако се појави одреден проблем, лицата со колички имаат проблем со архитектонски бариери, тесни ходници, пречки на тој пат, нема кој да ги крева, кој да ги носи – изборите се случуваат во згради на образование кои не се прилагодени. Да не ви раскажувам како изгледаше гласањето во пандемијата со Ковид-19 кога одевме на гласање, ви кажуваат нешто преку маската, не сакаа да ја симнат, а ние глувите се потпираме единствено на читање преку усни“, вели Љубиша Савески.

На почетокот од годината Апелација ја потврди пресудата на Основниот суд, откако Хелсиншкиот комитет во 2021-ва година поднесе тужба за дискриминација. Од движењето против хендикеп „Полио плус“ бараат Владата и Државната изборна комисија да ја применат и да обезбедат пристапност до избирачките места.

„Според одлуката, избирачките места и материјалите треба да бидат достапни за сите граѓани, ја повикуваме Државната изборна комисија, како и Владата да постапат по одлуката и целосно да ја спроведат донесената пресуда“, вели Сергеј Шавровски, од движењето против хендикеп „Полио плус“.

Законот за пристапност е донесен пред две децении, но недоволно се спроведува.

За жал, лицата со попреченост се соочуваат со бариери и во секојдневниот живот. Според проценките, околу 15 проценти од светската популација живее со одредена попреченост.

 

Андријана Ѓурческа