Можностите за инвестирање во Македонија претставени пред британската бизнис елита

17.06.2014 17:40

Првиот човек на „Евромакс“, Стив Шарп, посочи дека е значајно што од прва рака бизнисмените добиваат информации за тоа колку пријатно место за инвестирање е Македонија...

Еден од врвните приоритети на македонската влада останува можноста за привлекување на странски инвестиции, рече премиерот Никола Груевски пред лидерите од областа на бизнисот, политиката и од академската сфера во Ливерпул. Ги образложи реформите за унапредување на бизнис климата.

Ниските трошоци за водење бизнис кои Македонија ги нуди за инвеститорите, пристапот до повеќе милионските пазари обезбедени со договорите за слободна трговија, и поволностите кои се нудат во технолошко- индустриските развојни зони.

Еден специфичен пример за тоа како и оди на Македонија во однос на рамнотежата, извозот и на трговијата е тоа што сме веројатно една од само неколку земји во Европа кои што имаат трговски вишок во Германија, рече вицепремиерот Ставрески, и меѓудругото го истакна електронскиот систем за плаќање на даноци и добивањето на царинските дозволи.

Првиот човек на „Евромакс“, Стив Шарп, посочи дека е значајно што од прва рака бизнисмените добиваат информации за тоа колку пријатно место за инвестирање е Македонија.

Македонската економија добро напредува рече бизнисменот Ричард Парсон, извршен директор на Ворлд Вајд - ФДИ трјед, кој посочи дека тоа треба да ги охрабри инвеститорите.

Македонија четири пати се најде меѓу топ 10 најдобри реформатори во светот, во 2010 и 2012 година беше рангирана како трет најдобар реформатор во светот.

Повелете во Македонија и самите уверете се во нејзината артактивност за водење бизнис, ја покани Груевски британската бизнис елита во Ливерпул.

 

Дијана Ценевска