Коцкање

Сè почести инциденти во коцкарниците

23.03.2024 10:24

Рапидно се зголемува бројот на зависници од коцка во Битола. Тоа го потврдуваат и се почестите инциденти кои ги прават играчите по изгубените поголеми суми во казината и обложувалниците. Психолозите велат, коцкањето е болест од највисока зависност и без навремени мерки патолошкиот коцкар во очај и немоќ во некои случаи посегнува и по својот живот и други непромислени девијантни работи ...

Од сон за лесна заработувачка до високо зависна коцкарска страст. Тенка е линијата помеѓу почетникот и патолошкиот коцкар. Кога ќе завладее поривот за постојано коцкање тој веќе несвесно влегува во ланецот на проблеми. Од нарушување на здравјето па се до губење на личниот, професионалниот и интегритетот на семејството велат психолозите.

Неможноста нешто да се направи при големите финансиски загуби доведува до очај и помрачување на разумот и свеста.

Теза која ја потврдија и последниве две случувања во Битола. Неодамна разочаран играч запали казино а деновиве друг, со трактор направи сериозни оштетувања на друго казино.

Инциденти кои дополнително ја подигнуваат загриженоста на граѓаните за своите најблиски.

Психолозите велат загриженоста е оправдана, ако се има предвид достапноста на брзите кредити, рекламирањето од страна на познати личности и можноста за онлајн коцкање.

Моменти во кој не се размислува за катастрофалните последици. Ристевска децидна за да коцкарската љубопитност не премине во зависна болест, потребно е навремено да се побара помош од стручни лица.

 

Стевче Митревски