Над 3.000 граѓани аплицирале на Отворен Балкан
Колку граѓани се пријавиле за слободен пазар на трудот на ОБ. Наскоро почнува кампања за полесно наоѓање работа, кои профили се бараат, колкава е заработувачката во Србија, ќе има ли голема миграција …

За две недели над 3.000 државјани од земјите на Отворен Балкан добиле идентификациски број, а наскоро во трите земји ќе почне кампања за информирање како до побрз и поедноставен слободен пристап до пазарот на трудот од 11 милиони луѓе на ОБ.
„Работиме на тоа до мај да имаме единствена берза на работни места каде ќе може да се видат огласите на фирмите за полесно да се има увид во потребните профили за работа. Наши големи очекувања се пријавите за претстојната туристичка сезона во Македонија и Албанија и сезонските работи во земјоделството во Србија. Исто така, работиме на забрзување на процесот за намалување на периодот од 30 дена чекање за добивање сертификат за работа, особено за сезонските работници“, изјави Марко Чадеж претседател на Стопанската комора на Србија.
Во Србија и покрај највисоките плати во трите држави, претставниците на синдикатите велат дека не се задоволни од социјалната состојба и платите, кои изнесуваат приближно 800 евра месечно, а минималецот 400 евра, за да се исплати да дојдат работници од Македонија.
„За Македонците да дојдат потребни се повисоки плати во Србија од тие во Македонија. Факт е дека Србија за разлика од другите има номинално највисоки плати, но и дека трошоците за живот се многу повисоки од Македонија и Албанија. Голем издаток се станарините, кои се енормно поскапени, комуналиите, така што за да дојдете да работите во Србија платата би требало да е за 60 отсто поголема од таа што сега се нуди и да изнесува над 1.200 евра за да ви се исплати“, изјави Ранка Савиќ – претседател на Асоцијацијата на слободни и независни синдикати на Србија.
И од синдикатите и од Стопанската комора, велат дека Србија има потреба од македонски работници и компании, особена за претстојните големи инвестиции како ЕХПО 2027. Недостигаат околу 20.000 возачи, 25.000 туристички работници и други профили.
„Потребни ни се работници во туризмот, градежништвото, инженери.значи сите профили. Ова го правиме бидејќи трите земји имаат поинакви индустрии, за да не си земаме работници меѓу себе, туку онаму каде што има потреба. Кога станува збор за компаниите, би го навел ЕХПО 2027, кој е голем проект-од градежништво па до услуги, проект кој самите не можеме да го изнесеме. Наскоро овој проект ќе го претставиме во Скопје, каде компаниите ќе можат да учествуваат. Ве повикувам да дојдете и да се пријавите за работа“, рече Марко Чадеж.
Според Синдикатите, лани во Србија се издадени 50.000 работни дозволи, пред сè на работници од Кина, од Непал, Шри Ланка, Куба и други земји каде месечните примања се 100 долари.
„Во Србија нема премногу македонски работници и поради малите плати не сум оптимист дека тој број со Отворен Балкан ќе се зголеми. Србите Македонците и Албанците повеќе гравитираат кон ЕУ каде платите и стандардот се поголеми. И покрај тоа што синдикатот го поддржува Отворен Балкан, мислам дека сепак нема да дојде до голема миграција на работници“, додаде Савиќ.
За миграција на работници поинакво мислење имаат од Стопанската комора на Србија.
„Отворен Балкан е можност за циркулација на луѓе на географски блиски дестинации, а не да се оди на далечни пазари каде заработувачката и трошоците повеќе не се како некогаш. Луѓето сакаат да останат, Ниш и Скопје не се далеку. За првпат ние се однесуваме едни кон други како свои, се поврзуваме со тоа што нè спојува и кога од Северна Македонија ќе дојдете во Србија вие исто како да сте наши и обратно“, додаде Чадеж.
Во Србија има заинтересирани за работа во Македонија, особено од Ниш, Лесковац, Врање, поради близината, и обратно. Покрај заработувачката, битни им се и амбиентот на живеење, пријателските односи, познавањето на јазикот.
Од Белград за МТВ-Оливер Бранковиќ
