Минималец

Најавено зголемување на минималецот, но во практика сè уште го нема

23.03.2024 16:51

Најавено зголемување на минималецот, но во практика сè уште го нема. Иако месецот одминува, одлуката за повисока плата сè уште ја нема во „службен весник“. Синдикатот бара од власта платите да не се зголемуваат линеарно, туку според коефициентот. Го повикуваат Економско-социјалниот совет да ја задолжи Владата за да ги повлече од Собрание законските измени со кои се предлага укинување на минималецот и тоа на само една недела пред истекот на мандатот на пратениците.

Во март ќе има зголемување на минималецот и вработените ќе добијат зголемена плата за 2.400 денари – ова било потврдено на Економско социјалниот совет, но одлуката сè уште не е објавена во „службен весник“. Остануваат уште пет работни дена. Од конфедерацијата на слободните синдикати се против линеарно зголемување на платите, бараат доследно почитување на членот 8 од законот за минимална плата со кој се регулира усогласувањето на примањата. Велат Владата е подготвена за законско усогласување на платите од 2025, но не и за минималецот. Од КСС инсистираат на заклучок од Економско-социјалниот совет со кој би се задолжила Владата да ги повлече законите од собраниска процедура. Упатија апел до пратениците да не прават манипулации на една недела пред завршување на нивниот мандат.

„Еден час пред да почне Економско-социјалниот совет се појави вест од Собранието на Република Македонија дека законите во вторник повторно се ставени на пленарна седница во Собрание и повторно ќе се бара да се избрише минималната плата од законот. И што е најбитно од тие закони, сите одредби од законите треба да важат од 1.1.2025 година, само вадењето на минималната плата треба да важи од 1.3.2024 година. Која е целта, сите ја препознаваме“, изјави Благоја Ралпковски – претседател на КСС.

Со овој закон се засегнати околу 60 илјади вработени во јавниот сектор. Според податоците со кои располагаат синдикатите – минималната плата во земјава е една од најниските во регионот. Помал износ се исплаќа само во Босна и Херцеговина.

Според последните пресметки на синдикатите, расте и потрошувачката кошничка, на едно четиричлено семејство потреби му се речиси 1.000 евра за да го помине месецот.

А анализите покажуваат и нов рекорд на минималната потрошувачка кошничка, за еден месец трошоците се зголемени за околу 1.500 денари. Најголем скок на цените е забележан кај храната.

 

 

Андријана Ѓурческа