СДСМ објави со кои кандидати влегува во изборниот ринг
СДСМ ги објави фаворитите со кои на чело на кандидатските листи влегува во изборниот ринг во трка по гласови на парламентарните избори. Луѓе кои ќе ги застапуваат интересите на граѓаните и ќе го забрзаат развојот – рече Ковачевски на конгресот. Ја промовираше и изборната програма. Вети подобра иднина и напорна работа ...

СДСМ ги стокми носителите на пратеничките листи. Лидерот Димитар Ковачевски ја предводи единицата, заедно со Моника Зајкова од ЛДП. Во двојката поддршка од граѓаните ќе бара Оливер Спасовски со Фатмир Битиќи. Во тројката на чело е Сања Лукаревска, зад неа Љупчо Николовски. Поранешниот министер за здравство Венко Филипче се најде на врвот на кандидатскиот пратенички список во четворката заедно со Јована Тренчевска, а во петката се нивните сопартијци Јован Митрески и Бисера Костадиновска – Стојчевска. Славјанка Петровска ќе ја предводи шестката, а зад неа е Аргон Демири. На партискиот конгрес, Ковачевски сподели и дел од програмата.
Ковачевски најави имплементација на препораките на оценската мисија, и завршување на преговорите со ЕУ до 2028 година како и членство до 2030-тата.
Во програмата стои и дека домашните компании ќе добијат 180 милиони евра финансиска помош, земјоделците 750 милиони евра субвенции, а 2,7 милијарди евра се наменети за инфраструктурни проекти.
Анита Димитријевска – Велковска
