Лавров-Дачиќ: Продолжува изградбата на Јужен тек
Нема премена на плановите за работа, а запирањето на изградбата е од привремен карактер...

Сите одлуки и договори за гасоводот Јужен тек се потврдени и остануваат на сила- изјави во Белград рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на средбата со српскиот шеф на дипломатијата Ивица Дачиќ. Нема премена на плановите за работа, а запирањето на изградбата е од привремен карактер- додаде Лавров.
„Ги потврдивме сите наши договори во врска со Јужен тек, како и неопходноста за реализација на овој голем проект, бидејќи тој преставува единствен проект кој ќе обезбеди гас за Југоисточна Европа“, изјави Сергеј Лавров, Министер за надворешни работи на Руската федерација.
И Србија потврди дека продолжува со проектите за изградба на гасоводот Јужен тек- изјави министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ.
„Сите започнати економски проекти ќе продолжат. Изградбата на Јужен тек е национален интерес на Србија, како и Нафтената индустрија на Србија да биде најуспешна компанија во регионот“, истакна Дачиќ.
Рускиот министер за надворешни работи е во редовна посета на Србија, во чии рамки оствари средби со државниот врв, на кои изјави дека Русија ќе ги почитува преговорите за влез на Србија во ЕУ и дека за неа се неприфатливи линиите на раздвојување во Европа.
Оливер Бранковиќ
