Авиотранспорт

„Виз Ер“ го намали бројот на летови на двата македонски аеродроми

24.03.2024 13:51

„Виз Ер“ оваа летна сезона го намалува обемот на сообраќај. Операторот приземји 20 отсто од својата флота на инспекција поради ретка аномалија пронајдена во металниот прав за производството на специфична компонента на моторот. Според првичните информации на скопскиот аеродром ќе има намалување на планираниот обем за 25%, додека на охридскиот дури 48%. Кои дестинации ќе бидат укинати со летниот распоред, кој стапува на сила од 31 март засега не се знае. Но, намалувањето на авиоконекции ќе има негативни последици врз туризмот.

Оваа летна сезона ќе биде намален бројот на евтини авио летови во земјава. Од 31 март, со летниот распоред се очекува укинување на одредени дестинации. Во недостаток на официјални информации, се зборува дека евтината авиокомпанија, планираниот обем на сообраќај на Охридскиот аеродром ќе го намали за 48% додека на скопскиот за 25%.

Моментално Виз Ер од Охрид, согласно зимскиот распоред има летови само за Виена, Дортмунд и Менинген, а од Меѓународниот Аеродром Скопје, достапни се 27 дестинации.

Граѓаните реагираат велат ќе им се скратат можностите за патување и да посетат дел од пријателите и семејствата во странство.

„Еве јас имам патувано за 20 евра и 20 евра за 40 евра Шведска одев, сега зошто нема тоа не можам да сфатам нека биде и 50 евра не е скапо“, изјави патник.

„Не е во ред укинувањето на тие линии затоа што се очекува поголема навала на туристи од цела Европа, а треба да има повеќе авиолинии“, додаде друг патник.

„Не е убаво да се прекинуваат линиите. Охрид е најпознат, оваа година најмногу имаше туристи од секаде“, изјави друг.

Намалувањето на авиоконекциите се лоши вести за туризмот. Хотелската асоцијација смета дека тоа ќе има негативни последици врз туристичката индустрија.

„Наместо да имаме зголемување на летови ние имаме намалување на летовите. Нашиот аеродром овде е повеќе време затворен отколку што е отворен, бројот на летови што се одвиваат на охридскиот аеродром е премал за овој капацитет на хотели и населени што живее овде“, вели Крсте Блажески претседател на ХОТАМ.

Од Охридскиот аеродром со Виз Ер претходно се патуваше за Лондон, Базел и Малме, но тие летови ги нема. На намалувањето на летовите реагираат и граѓаните, велат се намалуваат можностите за патување на жителите, но и на иселениците.

Вкупниот број на патници во првите два месеци годинава, на двата македонски аеродроми е 432.678 што е зголемување од 40 отсто во споредба со лани.

 

Соња Рилковска