Русија

Ден на жалост во Русија

24.03.2024 12:34

Ден на жалост во Русија во чест на 133-те жртви во терористичкиот напад на концертната сала близу Москва. Знамињата на половина копје, граѓаните положуваат цвеќиња. Меѓу 150 повредени има и осум деца. Руските власти децидни сторителите се уапсени. Почна судењето. Во Киев сирени за воздушна тревога ...

Во Русија ден на жалост поради терористичкиот напад во Москва, во Киев и во Лвов сирени за воздушна тревога поради руското бомбардирање со ракетите „Кинжал“. Украина тврди дека се потопени два брода на руската црноморска флота со британски ракети кај Крим, Кремљ демантира.Еедна од руските крстосувачки ракети го нарушила и воздушниот простор на Полска.

„Објектот во областа Лублин беше внатре во полската територија околу два километра. Русија уште еднаш го прекрши меѓународното право, за ова разговарав со министерот за надворешни, сите безбедносни мерки се преземени, ја поддржуваме Украина“, изјави Владислав Косиниак Камиш-министер за одбрана на Полска.

Според украинскиот претседател, ескалацијата на воената напнатост во регионот е последица од обидот на шефот на руската држава да го обвини Киев за масакрот во Москва.

„И Путин и другите криминалци секогаш се обидуваат да обвинат некој друг. Секогаш користат исти методи. Тие ги уништуваат нашите домови, пукаат, бомбардираат и обвинуваат некој друг. ни ги опожаруваат градовите и за тоа виновна е Украина“, изјави Володимир Зеленски-претседател на Украина.

Осуда за теророт во Москва, но и критики за ставот на Макрон за можното распоредување на европските војници во Украина пристигна и од заменик-премиерот на Италија, Салвини.

„Да се дозволи француските, италијанските, австриските, холандските и португалските војници да одат во војна во Украина е крајно опасно. Претседателот Макрон со неговите настапи е закана за нашата земја и за континентот. Не би сакал на нашите деца да им ја оставам Европа во трета светска војна поради нашите соколи на војната“, изјави Матео Салвини-заменик-премиер на Италија.

Низ цела Русија граѓаните положуваат цвеќиња за 133-цата загинати и над 150 повредени во нападот во Москва за кој исламска држава презеде одговорност.

„Не спиев цела ноќ, премногу сум уплашена од тоа што го видов. Огромна е болката поради жртвите“, рече русинка.

Знамињата во федерацијата се на половина копје.

 

Зоран Богатинов