ХИВ

Поголема превенција да се сузбие ХИВ вирусот

24.03.2024 15:48

Годишно се откриваат педесетина нови случаи на инфицирани со ХИВ. Буџетот за современа терапија е ограничен, потребна е поголема превенција да се сузбие вирусот – апелираат здруженијата.

Додека светот зборува за крај на епидемијата со ХИВ до 2030-та, земјава брои смртни случаи од сида. Во февруари регистрирани се четири новоинфицирани, сите мажи на возраст од 20 до 39 години. Едно лице починало, за само шест години откако бил детектиран, земјата ја губи битката со вирусот поради недоволното тестирање. Годишно се откриваат околу педесетина случаи со ХИВ, но бројот може да биде многу поголем. Парите за превенција се скратени за 40 насто – реагираат здруженијата кои даваат поддршка на овие граѓани.

„Не се доволни напорите за дијагностицирање нови случаи, тоа е исклучително важно затоа што колку поголем број случаи се дијагностицираат толку поголем број се ставаат на терапија, вирусот се супримира и подоцна не може да се пренесува. проблем е затоа што здравствените власти не работат системски на адресирање на проблемот на ХИВ“, изјави Атанас Аврамов – координатор за застапување во „Заедно посилни“.

На инфективната клиника се лекуваат 408 пациенти со ХИВ, 40 проценти од нив имаат потреба од современа терапија. Поради ограничениот буџет се користат алтернативни лекови, за да може сите ХИВ инфицирани да бидат на терапија.

„Иако станува збор за квалитетна терапија, медицината оди напред и има посовремени и подобри лекови. Поентата е сите пациенти да бидат ставени на терапија. Подобро е сите пациенти да бидат ставени на терапија отколку одреден број да бидат на современа, а за другите да нема поради недостиг на финансиски средства“, изјави Атанас Аврамов – координатор за застапување во „Заедно посилни“.

Предрасудите се дополнителен проблем за луѓето со ХИВ. Поразителен е податокот, кој доаѓа од здруженијата, дека здравствените работници честопати не сакаат да пружат нега на лица со ХИВ-статус.

Во 90 проценти од 20 пријави за дискриминација регистрирана е повреда на здравственото право. Стигмата доаѓа од луѓето кои треба да бидат први на фронтот за да ги сузбијат предрасудите.

 

Андријана Ѓурческа