Партии

Партиски комбинаторки за изборни коалиции

24.03.2024 17:15

НСДП на конгрес ги утврди кандидатските листи и програмските приоритети. СДСМ беа гости за поддршка. Присутен и кандидатот за претседател Пендаровски. Европската иднина на земјата и политиките за повисок стандард на граѓаните – приоритет на коалицијата. Се окрупнува опозицискиот фронт. Лидерот на Достоинство најави крај на соработката со социјалдемократите, преминува во ВМРО-ДПМНЕ.

Владејачката коалиција се мобилизира предизборно. СДСМ гостин на конгресот на НСДП за утврдување на листата за пратеници. Потврдена и поддршката за заедничкиот кандидат за претседател Пендаровски. Испратена едногласна порака – политиките за прогрес мора да продолжат, а европската визија да биде реалност.

Пендаровски очекува дека коалицијата која со години наназад функционира беспрекорно да победи на претстојните избори, а како што рече, во неговиот втор мандат земјава ќе стане членка на ЕУ.

И додека власта уверува дека триумфот на изборите е неминовен, а анкетите и рејтинзите наместени, 7 помали партии, од кои дел поранешни коалиционери на социјалдемократите, преминаа во ВМРО-ДПМНЕ. Претседателот на Достоинство обелодени дека завршила соработката со СДСМ.

ВМРО-ДПМНЕ освен за социјалистите и за партијата на Стоиљковиќ, нема намера да отстапи пратенички места за новите коалициски партнери, а финалните листи ќе ги објави на 31 март. Во меѓувреме, не стивнуваат написите по социјалните мрежи од активисти на СДСМ незадоволни од изборот при составувањето на листите.

Партиите од албанскиот блок сè уште тактизираат со имињата. Во таканаречениот европски фронт на ДУИ покрај Народното движење на Скендер Реџепи-Зејд се приклучуваат и ДПА на МЕНДУХ ТАЧИ и партијата на АРИЈАНИТ ХОЏА. И Левица ги официјализира носителите на листите. Апасиев во единицата ќе се соочи со лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ.

 

Анита Димитријевска – Велковска