ВМРО-ДПМНЕ денеска излезе со своја програма наречена „Платформа 1198“
Пред изборната кампања политичките партии почнаа да ја откриваат својата машинерија преку која ќе бараат поддршка од граѓаните на идните парламентарни избори. ВМРО-ДПМНЕ денеска излезе со своја програма наречена „Платформа 1198“...

„Платформа 1198“ за исто толку проекти колку што планира да реализира владата на ВМРО-ДПМНЕ. Програмата презентирана преку панел дискусии и образложена од лидерот Мицкоски. Во неа граѓанинот е во фокусот преку подобрување на животниот стандард и економијата. Партијата ветува 3 милијарди евра за капитални инвестиции, нови 55.000 работни места до 2028, рамни и ниски даноци кои создаваат фер услови, борба со сивата економија, изградба на енергетски капацитети и создавање на Министерство за енергетика.
5.000 денари повисоки пензии во првата година, поддршка на младите и семејствата, 6 бесплатни ин витро интервенции за идните родилки, по 50 милиони евра за спортот и културата и 800 милиони евра за земјоделството, ветува ВМРО-ДПМНЕ. Но најважно од се е да се направи дигитален попис, за да се види со какво население располага земјата и така ќе може да се гради иднината, вели лидерот Мицкоски.
По презентација на програмата ВМРО-ДПМНЕ, следниот викенд ќе ги промовира и носителите на парламентарните листи.
Миле Ристески
