Дел од терористите во Русија признаа вина
Тројца од четворицата обвинети за нападот во концертната сала „Крокус Сити“ во кој загинаа 137 лица се изјаснија за виновни по сите обвиненија. Ќе бидат задржани во притвор најмалку до 22-ри мај. Исламска држава ја презеде одговорноста за нападот...

Четворицата обвинети за смртоносниот напад во концертната сала „Крокус Сити“ се соочуваат со доживотен затвор. На сите им е одреден притвор до 22-ри мај откако поединечно беа изнесени пред судот во Москва. Дел од нив признаа вина.
Русија сè уште во шок по терористичкиот напад. На преживеаните од кобната ноќ им се овозможува професионална помош. Сведочат за хоророт низ кој минале.
„Истрел, тишина, звук, тишина. Многу слично на некој вид огномет некаде во далечината. Потоа истрелите и звукот стануваа сè посилни и поблиску. Бев во салата. Некоја минута подоцна, почнавме да ползиме со луѓето до излезот“, изјави Марија, преживеана од нападот во московската концертна сала.
Исламска држава ја презеде одговорноста за нападот поткрепувајќи ја со видеоснимка. По Зеленски, и САД ги отфрлаат тврдењата на Путин за вмешаност на Украина во рускиот напад.
„Нема никаков доказ дека Украина била вмешана во масакрот. Всушност, исламска држава според сите укажувања е одговорна за она што се случи“, изјави Камала Харис, потпретседателка на САД.
Вашингтон тврди дека претходно испратиле предупредувања за планирани терористички напади во земјата, но Кремљ соопшти дека никогаш не ги добиле тие информации. Жителите на Москва продолжија да палат свеќи и да им оддаваат почит на жртвите, меѓу нив и претседателот Путин. Тој претходно изрази сомнеж дека зад нападот стои Киев, бидејќи осомничените планирале бегство во Украина. По нападот во Москва, Франција ја подигна тревогата за тероризам на највисоко ниво.
Бојана Крстевски
