Театар

Премиера на претставата „Пар распар“ во Театар Комедија

25.03.2024 12:09

На големата сцена на Театар Комедија ќе биде премиерно изведена претставата „Пар распар“ од Нил Сајмон, во режија на Нина Николиќ и во превод на македонски јазик на Маја Трајаноска Ивановска ...

Театар Комедија ќе го прослави Светскиот ден на театарот со првата премиера за оваа година. На 27 март, со почеток во 20 часот, на големата сцена на Театар Комедија ќе биде премиерно изведена претставата „Пар распар“ од Нил Сајмон, во режија на Нина Николиќ и во превод на македонски јазик на Маја Трајаноска Ивановска.

Во претставата играат: Валентин Костадиновски, Атанас Атанасовски, Григор Јовановски, Тони Денковски, Сергеј Димовски, Виктор Арсов, Жаклина Петровска и Маја Љутков. Костимографка на претставата е Ивана Каранфиловска Угуровска, сценографка Вишња Вујовиќ, композитор Оливер Јосифовски, соработник за сценски движења Димитриос Сотириу, дизајн на светло Крис Јегер, светло мајстор Слободан Илиоски.

Драмскиот текст „Пар распар“ на Нил Сајмон првпат е поставен на сцената на театарот „Бродвеј“ во 1965 година. Оттогаш е адаптиран во различни форми што вклучуваат еден успешен филм, телевизиска серија и голем број сценски поставки низ целиот свет, што го прави едно од најпознатите и најтрајни дела на Нил Сајмон.

„Пар распар“ користи хумор и духовитост за да ги истражи универзалните теми на пријателството, компатибилноста и личниот развој, и токму тоа го прави овој драмски текст безвременска и омилена класика во светот на комедијата.

Претпремиерата на претставата „Пар распар“ е закажана за 26 март (вторник), а првата реприза е на 29 март (петок) со почеток во 20 часот.

 

 

 

 

Фото: / Театар Комедија