Израел опколи уште две болници во Газа
Израел опколи уште две болници во Газа. Тврди дека Хамас ги користи како бази за операциите во Појасот. Шефот на Агенцијата за бегалци на Обединетите нации, Лазарини, рече дека Тел Авив ги известил дека повеќе нема да им дозволува на конвоите со храна да минуваат низ северот на Газа. Во Обединетите нации, нов обид за резолуцијата за прекин на огнот.

Откако Русија и Кина минатата недела ставија вето на резолуцијата предложена од САД, во Обединетите нации нов обид за носење одлука за итен хуманитарен прекин на огнот во Појасот Газа. И додека трае конфронтацијата во светската организација, на терен борбите меѓу Хамас и Израел се интензивираат. Десетици палестински цивили загинаа во воздушен напад во централниот дел на енклавата.
Тел Авив и покрај меѓународните притисоци, не отстапува во намерата за пресметка со милитантната група. Ја прекинува и дозволата за премин на конвоите со хуманитарна помош во северниот дел на Газа, областа каде што Нетанјаху претходно одобри офанзива.
„Гледам консензус кај меѓународната заедница за прекин на огнот во Газа, тоа го поддржуваат САД, ЕУ, а да не зборуваме за муслиманскиот свет. Консензус со кој на Израелците јасно им се става до знаење дека копнена офанзива во Рафах може да значи хуманитарна катастрофа. Се надевам дека оваа усогласеност на меѓународната заедница, ќе го натера Израел да размисли за избегнување на она што може да биде драматична трагедија“, изјави Антонио Гутереш, генерален секретар на ООН.
Голготата на жителите во енклавата не прекинува. Најновата анализа на светската здравствена организација покажува дека состојбата во газа е на раб на катастрофа. Во северниот дел луѓето се соочуваат со неизбежен глад, ништо подобро не е ниту во преостанатите делови на појасот. Во последните месеци се во пораст случаите на акутно нухранети деца до 5 години. Недостигот на санитарни и хигиенски услови предизвикува и раст и на инфекции и болести.
„Во болницава во последните неколку недели има голем број на случаи со тешка акутна неисхранетост со компликации. Видов шест деца со тешка акутна неисхранетост со компликации. СЗО почнуваат со поддршка и формирање центри за стабилизација и исхрана“, изјави д-р Ахмед Даир, раководител на тимот во Газа од Светска здравствена организација.
„Нашите деца се уморни, на мојот единаесетгодишен син да му ја тестираат крвта, резултатот е катастрофален. Како е можно тоа, но што да правиме, нема јајца, нема месо, нема протеини, нема риба, нема зеленчук“, вели жителка на Газа.
Израелските одбранбени сили соопштија дека почнуваат операција во уште две болници во Појасот. Тврдат дека милитантите ги користат болниците како воени бази. Хамас и медицинскиот персонал ги демантираат ваквите наводи на Тел Авив.
Маја Стојанова
