Дел од извршителите на масакрот во Русија признаа вина
Расте бројот на загинати во терористичкиот напад во Москва. Дел од извршителите на масакрот пред судот признаа вина. Путин свика состанок на безбедносниот сектор, во земјата нови дојави за поставени бомби...

Четворицата обвинети за смртоносниот напад во концертната сала „Крокус Сити“ се соочуваат со доживотен затвор. На сите им е одреден притвор до 22-ри мај откако поединечно беа изнесени пред судот во Москва. Дел од нив признаа вина.
„Истрагата е во тек. Крајно погрешно е претседателската администрација овде да дава какви било коментари за текот на истрагата. Нема да го направиме тоа. Нашите служби работат независно“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Путин.
Русија сè уште во шок по терористичкиот напад. На преживеаните од кобната ноќ им се овозможува професионална помош. Сведочат за хоророт низ кој минале.
„Истрел, тишина, звук, тишина. Многу слично на некој вид огномет некаде во далечината. Потоа истрелите и звукот стануваа сè посилни и поблиску. Бев во салата. Некоја минута подоцна, почнавме да ползиме со луѓето до излезот“, изјави Марија преживеана од нападот во московската концертна сала.
Исламска држава ја презеде одговорноста за нападот поткрепувајќи ја со видеоснимка. По Зеленски, и САД ги отфрлаат тврдењата на Путин за вмешаност на Украина во рускиот напад.
„Нема никаков доказ дека Украина била вмешана во масакрот. Всушност, исламска држава според сите укажувања е одговорна за она што се случи“, изјави Камала Харис, потпретседателка на САД.
Руското МНР прстот го впери во Вашингтон – сигурни сте дека беа исламска држава, а не Зеленски, иронично праша портпаролката Захарова. Вашингтон тврди дека претходно испратиле предупредувања за планирани терористички напади во земјата, но Кремљ соопшти дека никогаш не ги добиле тие информации. По нападот во Москва, Франција ја подигна тревогата за тероризам на највисоко ниво. Макрон тврди дека истата терористичка група планирала акции и во Франција.
„Ја изразувам нашата солидарност. Мора да се избегне инструментализирање на ова. Мислам дека би било и цинично и контрапродуктивно за Русија и безбедноста на нејзините граѓани да го искористат овој контекст и да го свртат против Украина. Оваа група, која се чини дека е вклучена во овој напад, направи неколку неуспешни обиди на наша почва“, изјави францускиот претседател Емануел Макрон.
Путин подготвува одговор, свика итен состанок со шефовите на безбедносниот сектор. Во меѓувреме, низ Москва продолжија дојави за бомби.
Бојана Крстевски
