Русија и Украина со нови напади
Украинската војска соопшти дека соборила осум од девет беспилотни летала во текот на ноќта над регионите на Миколаев и Одеса. Руското Министерство за одбрана пак, соопшти дека соборила 11 украински беспилотни летала вклучени во напад врз Ростов ...

Ескалираат руските напади врз Украина. Москва лансираше ракети кон Киев, трет пат за пет дена. Во градот се регистрирани повеќе експлозии, има повредени. Шефот на украинската дипломатија побара дополнителни системи за воздушна одбрана. Од воздухопловните сили соопштија дека се уништени две балистички ракети што руските сили ги истрелаа врз Киев од окупираниот Крим.
„Образовниот објект зад мене беше уништен од експлозијата. Воздушното предупредување и експлозиите се случија во исто време. Сите околни куќи и станбени згради имаат скршени прозорци. Правиме се за да ги исчистиме остатоците и да ги елиминираме последиците од овој терористички чин. Ова е уште еден доказ на теророт што Руската Федерација го спроведува во Украина“, изјави Виталиј Кличко, градоначалник на Киев.
Украинската војска соопшти дека соборила осум од девет беспилотни летала во текот на ноќта над регионите на Миколаев и Одеса. Регионалниот гувернер на Одеса пријавил штета на енергетската инфраструктура, а дел од областа останала без електрична енергија. Жителите живеат во страв и под постојани звуци за воздушна тревога и експлозии.
„Кој знае што ќе прави сега, како да живеам не знам. Ми треба поддршка бидејќи немам ресурси да ги поправам балконите“, изјави локален жител.
„Ги упатуваме луѓето до соодветните тела во локалната администрација и хуманитарните центри“, изјавија од Цивилна заштита.
„Сите прозорци ни беа разнесени, детето е многу исплашено. Ние сме раселени од 2014 година и шест години продолживме да се преселуваме низ Украина, за нас е многу болно ова што се случува“, изјави локален жител.
Руското Министерство за одбрана пак, соопшти дека соборила 11 украински беспилотни летала вклучени во напад врз Ростов. Обвинија дека украински дронови ја нападнале термоцентралата Новочеркаск, поради што два нејзини енергетски блока биле привремено вон употреба.
Маријана Димовска
