МВР

Истрагата за убиството на докторот Трповски во напредна фаза, расте револтот кај белите мантили

25.03.2024 15:44

МВР интензивно работи на расветлување на убиството на лекарот. Истрагата е во напредна фаза. Се прегледуваат снимки, се разговара со луѓе кои може да фрлат ново светло на случајот. Комората побара поголема заштита на белите мантили...

Истрагата за убиството на матичниот лекар Ацо Трповски е во напредна фаза, велат од МВР. Инспекторите за насилен криминал прегледале повеќе од 40 снимки од безбедносни камери, а разговарале и со повеќе од 15 луѓе во обид да го идентификуваат убиецот. Се анализираат и доказите собрани од увидот на самото место.

„Прегледани сè повеќе од 40 камери вклучувајќи ги и камерите на Безбеден град. Извршени се службени разговори со повеќе од 15 лица. Се врши дополнителна криминалистичко – техничка обработка на предметното возило. Се обезбедуваат листинзи од телефонски броеви и се врши нивна анализа. Истрагата е во напредна фаза“, велат од МВР.

Од Лекарската комора со осуда за убиството на нивниот колега. Велат, ниту еден здравствен работник не смее да се чувствува небезбедно на своето работно место. Побараа надлежните институции во целост да го расветлат овој случајот.

Со едноминутно молчење пред закажаниот настан, му оддадоа почит на колегата Ацо Трповски. Велат, непростливо е убиство на лекар пред неговата ординација и побараа построги казни за оние кои напаѓаат здравствен персонал.

Ресорниот министер смета дека зголемено полициско присуство во амбулантите и болниците може да ги одврати пациентите од намера да нападнат лекар.

Телото на Ацо Трповски беше пронајдено во неговиот личен автомобил на паркинг пред поликлиниката во која работел како матичен лекар на пациентите од скопска Железара.

 

Анита Димитријевска – Велковска