Македонија

Расте бројот на деца со туберкулоза

25.03.2024 16:18

Расте бројот на деца кои заболуваат од туберкулоза. Само годинава досега се регистрирани 7 случаи. Во последниве 5 години, најмногу болни деца имало лани, вкупно 20, но ако се погледне низ годините, се забележува дека бројката варира за да се стигне до минатогодишниот рекорд. Лани имало вкупно 160 случаи. БСЖ-вакцината штити од болеста, порачуваат лекарите...

За три месеци, кај седум деца е откриена туберкулоза. Најмалиот пациент кој се лекувал во Козле имал само една година. Македонија спаѓа во земји со ниска стапка на заболени, но лекарите велат по Ковид пандемијата дојдоа до израз болести кои тие години не се дијагностицираа доволно. Лани дури кај 20 деца е детектирана туберкулоза. Лекувањето трае шест месеци, но децата не ја пренесуваат заразата како ворасните.

„Доколку имаме уреден рендген без симптоми, децата до петгодишна возраст според препораките на Светска здравствена организација се ставаат на превенција тоа пократок режим од три или шест месеци во зависност со колку лекови одиме. Затоа кај децата особено доенчињата во првите две години и до 40 проценти е ризикот да развијат болест доколу не се превенира“, изјави д-р Катерина Бошковска, педијатар, пулмолог во Универзитетската Клиника за респираторни заболувања кај децата во Козле.

За лекарите важно е рано да се откријат случаите, навремено да се лекуваат, за да се спречи ширењето на болеста.

„Нас ни е важна бројката на луѓе што ги дијагностицираме затоа што дијагностицирањето значи излекување. Еден пациент кога би се ставил на антитуберкулозна терапија тој за еден месец веќе не може да ја шири болеста иако неговата терапија треба да продолжи и до шест месеци“, изјави д-р Сеад Зејнел, директор на Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза.

Болеста најмногу се шири во затворите и психијатриските болници.

 

 

Андријана Ѓурческа