Резолуција за прекин на огнот
Израел опколи уште две болници во Газа. Тврди дека Хамас ги користи како бази за операциите во Појасот. Шефот на Агенцијата за бегалци на Обединетите нации, Лазарини, рече дека Тел Авив ги известил дека повеќе нема да им дозволува на конвоите со храна да минуваат низ северот на Газа. Во Обединетите нации, нов обид за резолуцијата за прекин на огнот.

Откако Русија и Кина во минатата недела ставија вето на резолуцијата предложена од САД, во Обединетите нации нов обид за носење одлука за итен хуманитарен прекин на огнот во Појасот Газа. И додека трае конфронтацијата во Светската организација, на терен борбите меѓу Хамас и Израел се интензивираат. Дестици палестински цивили загинаа во воздушен напад во централниот дел на енклавата. Израелските одбранбени сили почнуваа операција во уште две болници во Појасот. Тврдат дека милитантите ги користат како воени бази. Хамас и медицинскиот персонал ги демантираат ваквите наводи на Тел Авив.
„Операцијата сè уште не е завршена. Во моментов, терористите на Хамас и џихадистите се забарикадирани во болницата Шифа. Хамас ја уништува болницата. Терористите кои се кријат околу болницата гаѓаат со минофрлачи кон нашите сили“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската армија.
Голготата на жителите во енклавата не запира. Состојбата во Газа е на раб на катастрофа, алармираат од Обединетите нации. Израел забрани и минување на конвоите со хуманитарна помош во северниот дел, областа каде што претходно одобри офанзива.
„Гледам консензус кај меѓународната заедница за прекин на огнот во Газа, тоа го поддржуваат САД, ЕУ, а да не зборуваме за муслиманскиот свет. Консензус со кој на Израелците јасно им се става до знаење дека копнена офанзива во Рафах може да значи хуманитарна катастрофа. Се надевам дека оваа усогласеност на меѓународната заедница ќе го натера Израел да размисли за избегнување на, она што може да биде драматична трагедија“, изјави Антонио Гутереш, генерален секретар на ООН.
Од Светската здравствена организација предупредуваат дека северниот дел од Појасот се соочува со неизбежен глад, ништо подобро не е ниту во преостанатите области. Анализите покажуваат дека во последните месеци се во пораст случаите на акутно ненахранети деца до 5 години, а недостигот на санитарни и хигиенски услови предизвикува зголемени инфекции и болести.
Маја Стојанова
