Дефицитарните професии интересни за матурантите

18.06.2014 12:26

На кој факултет по матурата- прашање што си го попставуваат сите оние што немаат цврста одлука што би сакале да студираат- некои се водат од желбите, а некои пак се одлучуваат за дефицитарни професии...

Вториот изборен предмет кој го бираат матурантите за државна матура е насоката за упис на факултетите. Голем дел од учениците кои завршуваат гимназиско образование ќе студираат на некој од факултетите по општествени науки, а голем е бројот и на средношколците кои ја избираат математиката како втор екстерен предмет што покажува дека интересот за упис на техничките факлтети е поголем од лани.

„Одбрав бизнис струка, затоа што сметам дека кај нас има поволна клима за инвестирање и занимавање со бизнис“, вели матурантката Емилија Краљевска.

„Веќе одлучив да се запишам на правните студии. Сметам дека овој факултет нуди повеќе струки со широки можности кои може да се искористат за успешна кариера“, додава гимназијалецот Михаил Митровски.

Кој факултет да го изберат учениците и дали правилно бидат насочени нивните афинитети и предзнаења ги тестираат педагошките служби во училиштата. Од таму додаваат дека и родителите се една од алките кои придонесуваат за конечна одлука за избор на професијата со која ќе се занимава нивното дете.

„Со учениците направивме анкета во која ги искажаа нивните афинитети и желби во однос на прашањето кое би било нивното животно занимање. Се покажа дека резултатите од неа, односно добри 95% се поклопуваат со она што тие го избраа како предмет за полагање и упис на факултет. Сметам дека учениците добро се насочуваат низ системот на средното образование за избор на нивната вистинска професија“, вели психологот Лидија Костиќ.

Експертите додаваат дека во последните години најбарани на пазарот на трудот се струките од инфомратичката технологија, а фалат и кадри од техничките факултети.

Годинава 18.370 матуранти се пријавиле за полагање на државна матура која се реализира по 7-ми пат.

 

Габриела Димковиќ