Израел

Не стивнуваат реакциите по изгласаната резолуција за итен прекин на огнот во Газа

26.03.2024 11:39

Откако во Обединетите нации беше изгласана резолуцијата за итен прекин на огнот во Газа, израелската делегација ја откажа најавената посета на Вашингтон. И покрај меѓународниот притисок, од Тел Авив децидни – продолжуваат со офанзивата, сè додека не бидат ослободени заложниците.

Советот за безбедност на ООН усвои резолуција со која се бара прекин на огнот во Газа и ослободување на сите заложници. „ЗА“ гласаа 14 земји, Соединетите Држави беа воздржани. Советот се обидува да ја изгласа резолуцијата уште од октомври изминатата година, но истата постојано наидуваше на вето најчесто од Русија и САД. По гласањето, Израелскиот премиер Нетанјаху по брза постапка го откажа планираното патување на висока делегација за Вашингтон. Од Белата куќа велат дека одговорот на Израел е изненадувачки.

„Всушност, тоа е необврзувачка резолуција, така што нема никакво влијание врз Тел Авив и способноста на Израел да продолжи да го брка Хамас. Тоа воопшто не претставува промена во нашата политика. Ние сè уште го чуваме грбот на Израел. Обезбедуваме алатки, системи за оружје, за да може земјата да се одбрани од што се согласуваме дека сè уште е остварлива закана“, изјави Џон Кирби, Совет за национална безбедност на САД.

Членовите на семејствата на заложниците што ги држи Хамас велат дека одлуката на ООН го зголемува меѓународниот притисок врз Израелците. Упатени критики за барањето на прекин на огнот. Се верува дека во рацете на Хамас сè уште се околу 100 Израелци што милитантната група ги зароби по ненадејниот напад на 7-ми октомври во јужен Израел.

„Оваа одлука го зголемува меѓународниот притисок врз нас, државата Израел. Колку повеќе се предаваме и се обидуваме да им угодиме, и се обидуваме да им угодиме на земјите во светот, тие ќе се чувствуваат помоќни да не потчинат и да не притиснат да се откажеме“, вели мајка на заложник.

Министерот за одбрана на Израел вели дека немаат морално право да ја запрат војната, а операциите против Хамас продолжуваат насекаде. Шефот на американската дипломатија, Блинкен одново потенцираше дека САД се противат на офанзивата во Рафах.

„Немаме морално право да ја запреме војната во Газа додека не ги вратиме сите заложници дома. Ако не донесеме јасна и одлучна одлука во Газа, тоа може да не донесе поблиску до војна на северот“, изјави израелскиот министер за одбрана, Јоав Галант.

И покрај усвоената резолуција, борбите продолжуваат. Израелската војска објави снимка од, како што велат, напади врз цели на Хамас во Појасот Газа. Во текот на изминатиот ден, борбени авиони погодиле над 60 цели на опколената територија.

 

Маријана Димовска