свет

Спречен нов терористички напад во Самарската област

26.03.2024 13:04

Масакрот во Москва и натаму е тема број еден на светските тикери. Кремљ не се откажува од ставот дека зад извршителите на исламска држава најверојатно стои Киев. Русија стрела од сите оружја по терористичкиот напад, на удар одново Одеса, на Црно Море. Повеќе од милион луѓе се без електрична енергија. Сè уште нема конкретна воена помош, но не смееме да дозволиме пораз на Украина, поради заканата на Кремљ за западните демократии, став на американскиот државен секретар Блинкен на средбата во Вашингтон со балтичките министри за надворешни работи …

Федералната служба за безбедност спречи нов терористички напад во Самарската област, на границата со Казахстан. Бомбашот планирал да детонира експлозив во зграда за хуманитарна помош. Претходно, рускиот претседател го поврза терористичкиот напад на исламистите во московската концертна сала со веројатната логистика на Украина. И Вашингтон, оценува Путин, се обидува да ги убеди сојузниците дека трагите не водат кон Киев.

„Истрагата бара одговори на повеќе прашања. На пример, дали навистина исламските организации напаѓаат во Русијакоја е за решение на ескалацијата на Блискиот Исток? И зошто, верниците муслиманиследбениците на таканаречениот чист Ислам, извршуваат масакри за време на светиот месец Рамазан?“, изјави Владимир Путин, претседател на руската федерација.

Московскиот суд надлежен за масакрот во Крокус центарот, издаде налог за апсење на шефот на украинската служба за безбедност. И покрај договореното, воената помош од Запад за украинската војска никако да пристигне.

„Ова што го гледате е премалку. На артилерците нормално им требаат најмалку 100-ина гранати на ден, овде има само 20-ина“, изјави Володимир, командант на украинскиот вод.

Спроти дијамантската годишнина од основањето на НАТО, Блинкен побара од балтичките сојузници континуитет во поддршката на Киев. Американската помош и натаму е блокирана.

„Влоговите ја надминуваат самата УкраинаЛуѓето во светот заслужуваат сопствена слобода и иднина, а не некоја друга сила да го прави тоа за нив. На тоа мораме да работиме сите заедно, за одржлива поддршка на Украина“, изјави Ентони Блинкен, американски државен секретар.

Наспроти декларативните настапи, Москва стрела со сите оружја, одново сирени во Одеса, експлозии низ станбените блокови. Погодена е и палатата на спортовите.

„Среќни сме што не бевме таму. Нашиот тим дојде да помогне, како и другите, едно семејство сме. Уметнички лизгачи, женскиот хокеарски тим, детскиот, сите се тука. Спортската сала остана без прозорци и покрив“, изјави Марија Нестерова, хокеарка.

Над милион луѓе во Украина се без електрична енергија. Од областите во близина на окупираниот Донбас, населението се евакуира. Војната во Украина трае веќе 25 месеци.

 

Зоран Богатинов