Балтимор

Товарен брод урна мост во Балтимор

26.03.2024 13:52

Мост се урна во Балтимор откако во него удри голем товарен брод, повлекувајќи возила и луѓе во ледената вода. Неговото брзо уривање според експертите, се должи на тоа што конструкцијата е меѓусебно поврзана и на места многу слаба ...

Трагедија во Мериленд. Мост се урна во Балтимор откако во него удри голем товарен брод, повлекувајќи возила и луѓе во ледената вода. Точната бројка на исчезнати не е утврдена. Спасувачките напори се во тек под особена внимателност, бидејќи и натаму постои опасност од дополнително уривање.

„Околу 1 и 30 часот по полноќ, товарен брод што го напушти пристаништето во Балтимор и удри во мостот Френсис Скот Ки, предизвикувајќи уривање на мостот. Во тек е активна мисија за пребарување и спасување. Знаеме дека имало и поединци во моментот на уривањето, кои изведувале работи на мостот“, изјави Пол Вајдефелд – секретар за транспорт во Мериленд.

Сонарите го потврдија присуството на возила на дното од реката. Нема докази за тероризам и дека ударот бил намерен.

„Во време на инцидентот многу луѓе поминувале преку мостот, па поради тоа и голем дел од нив завршиле во водата. Нашиот сонар откри присуство на возила во водата, но немаме точна бројка“, изјави Џејмс Валас – шеф на противпожарната служба во Балтимор.

„Нема апсолутно никакви индикации дека има терористи или дека ударот е намерен. Нашиот криминален разузнавач работи со ФБИ и други федерални и државни агенции за да ги добие сите информации што ги имаме, но нема апсолутно никакви индикации за тоа“, изјави Ричард Ворли – полициски комесар во Балтимор.

Според видеата на социјалните мрежи, се чини дека бродот удрил во една од потпорите на мостот. Неговото брзо уривање според експертите, се должи на тоа што конструкцијата е меѓусебно поврзана и на места многу слаба.

„Денешните товарни бродови се џинови, со двојно поголеми димензии. Кога удира, тој ја менува формата, огромна енергија со илјадници тони. Начинот на кој се урнал, тоа е она што ние го нарекуваме континуирана структура. Секое мало парче е поврзано со друго, и за жал, тоа е катастрофален колапс“, изјави Џулијан Картер – градежен инженер.

„Синерџи марин груп“, потврди дека бродот под знаме на Сингапур бил управуван од двајца капетани. Неговите светла трепереле непосредно пред да излезе од курсот и удри во мостот. Истрагата допрва треба да ја утврди точната причина. Бродот бил на пат за Шри Ланка, а требало да се закотви во Азија на 27-ми април.

 

Бојана Крстевски