Црвениот крст се сеќава на Трповски кој во организацијата поминал три децении
Интензивно се работи на расветлување на убиството на лекарот Ацо Трповски. Се разговара со негови колеги, соработници, луѓе кои го познавале, се прегледуваат снимки од безбедносни камери. Трповски со години обучувал волонтери на Црвениот крст, од каде што имаат само пофални зборови за него...

Секретарката на Црвениот крст, Сузана Тунева-Пауновска ги отвора фотографиите и се присеќа на својот колега Ацо Трповски, со кого три децении заедно пожртвувано помагале на бегалци, беспомошни, онаму каде што имало потреба.
Трповски сакал да работи со младите, ги учел учениците од основните и средните училишта на прва помош, велел дека децата не смее да ги оставиме без знаење, бидејќи првата помош спасува живот.
Од МВР и Јавното обвинителство велат дека истрагата е во напредна фаза. Инспекторите прегледале повеќе од 40 камери, вклучувајќи ги и камерите на Безбеден град. Од нив е утврдена патеката по која се движело возилото на лекарот во часовите кои му претходеле на убиството. Се поверуваат личните и професионалните контакти на лекарот. Службени разговори се извршени со повеќе од 15 лица, колеги од Поликлиниката и соработници, но и со луѓе кои се познавале приватно. Надлежните го бараат и мотивот и сторителот на убиството што се случи на паркингот пред поликлиниката Железарница.
Наташа Јанчиќ-Менковски
