Правниците тврдат дека антивакциналните кампањи може да се санкционираат
Опфатот на имунизација во земјава не е задоволителен, мора да се зголеми. Министерот Демири рече дека може да се донесат и законски измени за казнување на антиваксери. Но, колку е тоа правно издржано?

Антивакциналните кампањи, можат да се санкционираат, децидни се правниците, откако министерот за здравство Демири објави дека опфатот на имунизација во земјава не е задоволителен и треба да се преземат мерки за оние кои шират дезинформации – правниците велат, и интернетот е простор, кој е регулиран со закон. Најголем дел од антивакциналните кампањи се на социјалните мрежи.
„Неспорно е дека државата може да го ограничи тоа право, меѓутоа треба да има некоја легитимна цел којашто сака да ја оствари преку ограничување на кое било право, па вклучително и ова, и треба да внимава на тоа, ограничување на тоа право да биде пропорционално на онаа цел, односно најмалку да ги засега другите права за да ја оствари целта која се стреми да ја постигне“, изјави Бојан Трпевски, Македонско здружение на млади правници.
Големата кашлица се шири низ земјава, на праг сме пред нова епидемија на морбили – предупредуваат епидемиолозите. Очекувањата се малите сипаници од соседството да се прелеат во земјава пред летните одмори. Бројките покажуваат дека во државата нема колективен имунитет. Препорачаниот опфат над 95 проценти не е постигнат за ниту една вакцина.
„Антивакциналните кампањи кои сè повеќе земаат сила ни го рушат воспоставениот систем на имунизација кој се покажа како еден од најдобрите системи. Опфатот на имунизација со МРП некаде е под 70 проценти тогаш очекувајте дека многу брзо ќе имаме епидемија на морбили. Епидемијата на пертусис беше прогласена во Скопје, но се прошири затоа што децата не ги примаат вакцините“, изјави д-р Сашко Олумчев, епидемиолог.
Казна од 300 до 650 евра или пријава на суд – ова е изборот на семејствата кои одбиваат да ја почитуваат законската обврска за имунизација на децата.
Антивакциналните кампањи изминатиов период го намалија опфатат на имунизација и тоа во урбаните средини. Здравствените власти алармираат дека земјава е во групата на високо ризични земји од појава на заразни заболувања кои биле искоренети.
Андријана Ѓурческа
