Русија-Украина

Русија идентификуваше уште еден осомничен за терористичкиот напад

26.03.2024 17:58

Русија идентификуваше уште еден осомничен за терористичкиот напад во Москва. Помагал во подготовката на злосторството. Во меѓувреме, руски истражители пристигнаа во Таџикистан за да ги испитуваат роднините на осомничените за масакрот во „Крокус Сити Хол“. Денеска, секретарот на рускиот совет за безбедност, Николај Патрушевски за првпат јавно и директно ја обвини Украина дека стои зад терористичкиот напад...

Ислам Галилов од Киргистан е еден од хероите во концертната хала во Москва. 15-годишникот кој помагал во гардеробата, успеал да спречи бројот на жртвите да биде поголем. Им го покажал правецот до излезите за тревога.

„Не знаев што се случува, се освестив дури кога луѓето бегаа кон лифтот. Почнав да ги повикувам, тие врескаа „стрелаат на нас“. Ги водев до излезот“, изјави Ислам Галилов, Киргистан.

Рускиот претседател го поврза терористичкиот напад на Исламистите со Украина. И Вашингтон, оценува Путин, се обидува да ги убеди сојузниците дека трагите не водат кон Киев.

„Истрагата бара одговори на повеќе прашања. На пример, дали навистина исламските организации напаѓаат во Русија, која е за решение на ескалацијата на Блискиот Исток? И зошто, верниците муслимани, следбеницитe на таканаречениот чист ислам, извршуваат масакри за време на светиот месец Рамазан?“- изјави Владимир Путин, претседател на Руската федерација.

Русија се повлече од Советот на Европа, во Думата се разгледува прашањето за повторното воведување смртна казна.

„Одлуката за мораториум на смртната казна беше донесена според нашите меѓународни обврски во Советот на Европа. Се повлековме од Советот, затоа ова прашање е тема на дискусија“, изјави Вјачеслав Володин, претседател на руската Државна дума.

На фронтот, и покрај договореното, воената помош од Запад за украинската војска никако да пристигне.

„Ова што го гледате е премалку. На артилерците нормално им требаат најмалку стотина гранати на ден, овде има само 20-на“, изјави Володимир, командант на украински вод.

Спроти дијамантската годишнина од основањето на НАТО, Блинкен побара од балтичките сојузници континуитет во поддршката на Киев.

„Влоговите ја надминуваат самата Украина. Луѓето во светот заслужуваат сопствена слобода и иднина, а не некоја друга сила да го прави тоа за нив. На тоа мораме да работиме сите заедно, за одржлива поддршка на Украина“, изјави Ентони Блинкен, американски државен секретар.

Москва го користи меѓународниот вакум, стрела со сите оружја. Одново сирени во Одеса, експлозии низ станбените блокови. Погодена е и палатата на спортовите.

„Среќни сме што не бевме таму. Нашиот тим дојде да помогне, како и другите, едно семејство сме. Уметнички лизгачи, женскиот хокеарски тим, детскиот, сите се тука. Спортската сала остана без прозорци и покрив“, рече Марија Нестерова, хокеарка.

Над милион луѓе во Украина се без електрична енергија. Од областите во близина до окупираниот Донбас, населението се евакуира. Војната во Украина трае веќе 25 месеци.

 

Зоран Богатинов