Пари за уредување на селата
Со 10 милиони денари годинава ќе се поддржува зачувувањето на традиционалните вредности во руралните средини. Локалните власти со овие пари можат да инвестираат во патната инфраструктура, излетнички места или во планинарски и велосипедски патеки …

За зачувување и унапредување на традиционалните вредности во руралните подрачја годинава се обезбедени 10 милиони денари.
Корисници на субвенциите се единиците на локалната самоуправа на рурално подрачје и локалните власти на чија територија се наоѓа руралната средина за која е наменета инвестицијата како и центрите за развој на планските региони.
Неповратната финансиска поддршка се однесува за проекти во локална патна инфраструктура вклучително и мостови за поврзување на населени места или села со локалитет од значење за селската популација во должина до 2 километри. Потоа означување на културни и природни знаменитости во рурални средини, одбележување и унапредување на планинарски и велосипедски патеки и уредување на излетнички места и нивно поврзување со електрична енергија, водоснабдување и канализација.
Неповратната финансиска поддршка се доделуваат во висина од 100 проценти од вкупната вредност на прифатливите трошоци.
По барање на корисникот може да се врши и авансна исплата во висина од 20 проценти од вредноста на одобрените средства или на две рати.
Методија Трајков
