Реактивната мисија на УНЕСКО од денеска во Охрид
Денеска и утре во Охрид ќе престојува реактивната мисија на УНЕСКО која се очекува да има средби со претставници на институции, невладини организации и министерството за култура. Членовите на мисијата ќе извршат увид и на терен за да утврдат дали се спроведуваат препораките на УНЕСКО од минатата година, кои требаше да ги реализираат општините од заштитениот охридски регион и надлежните министерства.

Реактивната мисија на УНЕСКО од денеска е во Охрид со цел да утврди дали и колку се спроведуваат препораките кои државата и локалните институции ги добија во септември минатата година, откако беше добиен извештајот дека Охридскиот регион останува на Листата на заштитени подрачја на светската организација.
Од невладините организации велат дека има напредок во однос на носењето на законските регулативи и другите документи што се однесуваат на заштитата на Охридскиот регион, но дека на терен малку од тоа се спроведува.
„Законски документи како што се физибилити студијата за урбанистички план за подрачјата и за објектите од државен интерес на крајбрежјето на Охридското Езеро сè уште се во процедура и многу доцнат, а се од витално значење, бидејќи таму има голем број на дивоградби и освен тоа крајбрежјето долго време стои така неуредено, плажите се на извесен начин запуштени, препуштени самите на себе“, изјави Ѓоко Зороски-инженер по животна средина-невладин сектор.
Недостасува позаострена контрола и зајакнување на капацитетите за непристрасно спроведување на законите што придонесува да се случуваат девастации и во централното градско подрачје, вели Зороски. Сепак укажува дека има и некои позитивни примери.
„Добро е тоа што конечно почна да се рехабилитира колекторскиот систем, се исчисти дел од трасата до некаде, до пумпните станици до Подмоље и на тој начин спречено е прелевање на дел од тие фекални води во Охридското Езеро, меѓутоа во однос на другите закони, спроведувањето на тие закони на терен, тоа е она што најмногу недостасува“, додаде Ѓоко Зороски-инженер по животна средина-невладин сектор.
Во текот на денов и вечерва се очекува членовите на Реактивната мисија на УНЕСКО да имаат средби со претставници на надлежни институции и невладини организации, а утре според најавите ќе остварат средба со министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска.
Исто ќе излезат и на терен за да имаат целосен увид во фактичката состојба врз основа на што ќе донесат заклучоци по кои во иднина ќе треба да се постапува.
Сашо Нелоски
